Промоција на првата сликовница од серијалот „Авантурите на Марк“ од Драган Тапшанов
- Настанот ќе биде интерактивен и посветен, пред сè, на детската публика, која преку богата програма ќе ги доживее главните цели на сликовницата – развивање на имагинацијата, негување на авантуристичкиот дух и екосвеста, разбирање на животните, чување на животната средина...
Скопје, 18 април 2026 (МИА) - Првата сликовница од серијалот „Авантурите на Марк“ од Драган Тапшанов ќе биде промовирана денеска во Бистро „Комедија“.
Настанот ќе биде интерактивен и посветен, пред сè, на детската публика, која преку богата програма ќе ги доживее главните цели на сликовницата – развивање на имагинацијата, негување на авантуристичкиот дух и екосвеста, разбирање на животните, чување на животната средина...
Драган Тапшанов е познат по патувањата и кампувањата низ Македонија и низ светот со своето семејство и по документарните и патописните фотографии. Со оваа своја сликовница Тапшанов првпат влегува во книжевниот свет правејќи ги трајни вредностите што ги промовира со начинот на живот.
Според програмата, најавени се различни интерактивни игри, како и учесници од Првиот скопски издвиднички одред, едукација и забава со Војо Иванов, еден од најпрепознатливите ликови од Зоолошката градина благодарение на неговата љубов кон животните и змиите. Водител на настанот ќе биде Димитар Атанасовски.
Децата ќе имаат можност да се запознаат и со главниот протагонист на книгата, Марк Тапшанов, кој е своевиден коавтор на серијалот „Авантурите на Марк“, инспирирани од личните камперски доживувања. Оваа приказна е раскажана за време на едно патување во Лапонија, Шведска.
Семејството поминува повеќе од шест месеци годишно во дивината. За тоа време се запознаваат со флората и фауната и меѓусебно учат како да пристапуваат со почит кон секое суштество, од најмалиот инсект до најголемиот цицач.
Сликовницата е во издание на Издавачки центар ТРИ. ев/вј/
Фото: илустрација