• Sunday, 26 January 2025

Прилепската болница со заклучоци од комисијата за интерна контрола за случајот со близначињата

Прилепската болница со заклучоци од комисијата за интерна контрола за случајот со близначињата

Прилеп, 24 јануари 2025 (МИА) - Потребно е да се ангажира социјален работник, во најскоро време, кој ќе го засили тимот и ќе придонесе за подобрување на севкупното функционирање на болницата. Ова го констатирала, меѓу другото, комисијата за интерна контрола при прилепската болница за работата на здравствените работници во случајот со двете новороденчиња - близначиња кои починаа на 16 јануари, едното во семејниот дом во Славеј, а другото по неколку часа во болницата. Комисијата донела неколку заклучоци.

- Од прегледот на собраната медицинска документација, утврдено е дека мајката го прекинала болничкиот третман на сопствено барање, за што постои нејзин потпис во соодветната документација. За време на болничкиот престој, новороденчињата биле третирани согласно принципите на медицината базирана на докази и во согласност со интерните процедури на неонатолошкото одделение, вклучително и нивниот испис на барање на родителот, информираат од болницата.

Според директорот Кире Јоноски, во оваа здравствена установа до пред три години имало социјален работник, а предвидено е место во систематизацијата.

- До пред три години, кога тогашниот социјален работник дал отказ и си заминал, местото предвидено со систематизацијата, не е пополнето. До 31 декември 2024 година на сила беше забраната за вработувања од Владата. Во болницата го чекаме планот за вработување од Министерството за администрација за болницата да вработи содијален работник. Секако ќе треба и одобрение од Министерството за финансии, изјави Јоноски за МИА.

Инаку, по неодамнешната вонредна контрола на работењето на прилепската болница, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) констатираше дека ќе биде издадено решение со наредба за спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новородените, како  и наредба за задолжително известување на надлежен центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител- старател се спротивставени, а за што од ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка. Истовремено, Инспекторатот до министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над стручната работа на болницата.

Близначињата се родиле на 30 декември, предвреме, со мала тежина под две килограми. На 10 јануари, мајката, на своја одговорност, со потпис, си заминала со новороденчињата во семејниот дом во прилепското село Славеј. На 16 јануари, здравствената состојба на новороденчињата се влошила, родителите повикале Итна помош. Лекарите констатирале смрт на машкото бебе, а женското бебе починало по неколку часа во болницата и покрај напорите на лекарите да го реанимираат и да го затоплат, зашто имало премрзнатост кај двете бебиња. ем/бд/

Фото: МИА