• Monday, 24 June 2024

Претседателот на руската парламентарна комисија за одбрана: Русија може да го скрати рокот за одлучување за употреба на нуклеарно оружје

Претседателот на руската парламентарна комисија за одбрана: Русија може да го скрати рокот за одлучување за употреба на нуклеарно оружје

Москва, 23 јуни 2024 (МИА ) - Најголемата светска нуклеарна сила, Русија, може да го скрати времето за донесување одлука за употреба на нуклеарно оружје, што е вградено во официјалната политика на Кремљ, доколку смета дека заканите се зголемуваат, јавија западни медиуми цитирајќи го претседателот на парламентарниот комитет за одбрана Андреј Картаполов.

Тој денеска беше цитиран  дека ако се зголемат заканите, треба да се промени и рокот за одлучување за употреба на такво оружје.

„Ако видиме дека предизвиците и заканите се зголемуваат, тоа значи дека може да смениме нешто (во доктрината) во однос на моментот на употреба на нуклеарно оружје и одлуката за негово користење“, рече Картаполов.

Претседателот на рускиот парламентарен комитет за одбрана, кој некогаш ги предводеше руските сили во Сирија, а сега е пратеник од владејачката партија Единствена Русија, додаде дека се уште е рано да се зборува за конкретни промени во нуклеарната доктрина.

Нуклеарната доктрина на Русија од 2020 година опишува кога претседателот на земјата би размислувал за користење нуклеарно оружје: генерално како одговор на напад со нуклеарно или друго оружје за масовно уништување или конвенционално оружје, „кога е загрозено самото постоење на државата“ .

Претходно овој месец, Путин рече дека Москва нема потреба да користи нуклеарно оружје за да обезбеди победа во Украина.зш/