Преку соработка на полицијата и социјалните служби ќе се намалува малолетничката деликвенција во Струга
- Засилена меѓусебна соработка и координација за намалување на малолетничката деликвенција како дел од општиот криминал била целта на средбата на полициски службеници од ОВР Струга и претставници на Центарот за социјални работи (ЦСР) Струга, соопшти денеска СВР Охрид.
Струга, 23 јануари 2025 (МИА) - Засилена меѓусебна соработка и координација за намалување на малолетничката деликвенција како дел од општиот криминал била целта на средбата на полициски службеници од ОВР Струга и претставници на Центарот за социјални работи (ЦСР) Струга, соопшти денеска СВР Охрид.
Средбата, како што појасни портпаролот Стефан Димоски, имала и превентивно-консултативен карактер за таргетирање на појавните облици, но и на лица малолетници кои манифестираат негативно и деликвентно однесување. Деца кои покажуваат конкретни инкриминирани дејствија од областа на физички пресметки, меѓуврсничко насилство, семејно насилство, кражби, наркоманија, деца во ризик кои вршат питачење, продавање предмети или други услуги.
- На средбата беа разгледувани сет мерки, кои службите можат да ги реализираат на превентивен, едукативен но и репресивен план со цел, навремено детектирање на појавните облици на малолетничка деликвенција на терен. Формирање заеднички мобилни тимови за работа, брзо излегување на терен по рана идентификација и констатирани состојби, навремена заштита и помош во случаи кога се констатирани насилство и експлоатација врз деца во ризик, деца без родителска грижа и други асоцијални појави, изјави Димоски.
Од почеток на годината, според него, ОВР Струга поднела две кривични пријави против двајца малолентици, едната е за меѓуврсничко насилство, а другата поради постење сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотрпони супстанци и прекурсори“. сс/мч/
Фото СВР Охрид