• Saturday, 05 October 2024

Почнува 12. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ со над 450 учесници од осум земји

Почнува 12. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ со над 450 учесници од осум земји

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио, вечер во 19 часот во кино „Милениум“ ќе биде отворен 12. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ на кој годинава ќе има повеќе од 450 учесници од осум земји. Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика.

Фестивалот ќе трае до 8 октомври и ќе се одржува во Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“. 

Петнаесет долгометражни филмови се во официјална конкуренција и 40-ина краткометражни и анимирани филмови распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците:  јуниори (од шесто до деветто одделение), кадети (прва и втора година средно) и сениори (трета и четврта година средно образование), а покрај филмови ќе има и дискусии и осум креативни работилници на кои ментори ќе бидат режисери, уметници, музичари.

-Фестивалот „Џифони Македонија“ секогаш се труди да прикажува најдобар избор на филмови за младата публика и што е можно повеќе филмови за млади од регионот, па така оваа година покрај повеќето европски филмови имаме играни филмови од Србија, Црна Гора и Косово, а кратките филмови се од целиот свет, соопштија организаторите на фестивалот..

Секој ден во рамките на фестивалот, во термините од 15.45 и 17 часот ќе се одржуваат Edu Cuts разговори во рамки на конференцијата на тема „Зајакнување на креативноста на младите“, на која ќе учествуваат млади успешни луѓе што ќе ги споделат своите искуства и визии.

-Младинската филмска продукција е главната нишка на оваа конференција, па тука ќе бидат претставени разни младински иницијативи и работилници за снимање филмови од млади таленти, се наведува во соопштението. 

Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории. хс/дма/

Фото: Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“