• Friday, 27 December 2024

Потпишан договор за користење на лабораторијата за тестирање на квалитетот на течни горива помеѓу  (ДПИ) и Бирото за метрологија

Потпишан договор за користење на лабораторијата за тестирање на квалитетот на течни горива помеѓу  (ДПИ) и Бирото за метрологија

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, потпишан е договор за соработка меѓу Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат. Договорот за користење на лабораторијата за тестирање на квалитетот на течни горива, има за цел заострување на контролите за квалитетот на течните горива и да обезбеди поголема сигурност за потрошувачите.

Како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Договорот го потпишале директорите на двете институции – Влатко Стојкоски од Државниот пазарен инспекторат и Седад Рушани од Бирото за метрологија, во присуство на министерката Сања Божиновска, со што ја формализирале соработката насочена кон поголема контрола и транспарентност во обезбедувањето на квалитетни течни горива. 

-Со овој потег, државата праќа јасна порака: неквалитетните горива немаат место на македонскиот пазар. Потрошувачите добиваат квалитет и сигурност, додека институциите покажуваат дека се посветени на повисоки стандарди и подобра заштита на јавниот интерес, истакнала Божиновска. 

Во изминатите пет години, и покрај склучените договори за соработка, биле реализирани незначителен број анализи на течни горива, а со овој договор се предвидува драстично зголемување на обемот на инспекциските проверки.  Инспекциските тимови ќе ја користат лабораторијата за мострирање и тестирање согласно однапред дефинирани годишни планови, но и за вонредни инспекции. 

-Според планот за 2025 година, кој е составен дел од договорот, ќе се извршат дури 220 анализи на квалитетот на горивата, со што се поставуваат повисоки стандарди за усогласеност со македонските регулативи и стандарди, рекол директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски. 

Директорот на Бирото за метрологија Седад Рушани, пак, нагласил дека со овој договор, Бирото за метрологија ја става својата лабораторија – мобилна и фиксна – во служба на инспекциските тимови.

-Лабораторијата е акредитирана за 26 методи на тестирање и ќе овозможи брзи и прецизни анализи на квалитетот на горивата директно на терен, истакнал Рушани.

Со користење на акредитираната лабораторија на Бирото за метрологија, инспекциските тимови ќе спроведуваат детални и брзи тестирања на терен, што ќе ја гарантира контролата на квалитетот и ќе испрати јасна порака дека неквалитетните горива немаат место на нашиот пазар. сст/нд/

фото Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини