Полска и балтичките земји блиску до повлекување од договорот за мини
- Отавската конвенција, потпишана од повеќе од 160 земји, забранува производство, складирање и користење на противпешадиски мини. Меѓу потписниците е и Украина, но не и САД и Русија.
- Post By Сања Костовска
- 18:54, 13 March, 2025

Варшава, 13 март 2025 (МИА) - Полска, трите балтички држави и Финска се блиску до заедничка одлука за повлекување од Отавската конвенција за забрана на противпешадиски мини, изјави денеска литванската министерка за одбрана, Довиле Шакалиене.
- Сметаме дека сме многу блиску до оваа одлука, изјави Шакалиене во Варшава, одговарајќи на прашање за евентуалното повлекување од договорот.
- Водиме интензивни дискусии со нашите регионални партнери за да осигураме дека петте држави (Полска, Литванија, Летонија, Естонија и Финска) можат да донесат заедничка одлука и да испратат јасна стратешка порака, рече Шакалиене на прес-конференција со полскиот министер за одбрана, Владислав Кошинијак-Камиш.
Кошинијак-Камиш истакна дека е „особено важно“ овие земји да презентираат заеднички став во врска со ова прашање.
Овие пет земји, кои се особено загрижени за својата безбедност по руската инвазија врз Украина, претходно сигнализираа дека размислуваат за повлекување од договорот. Минатата недела, полскиот премиер Доналд Туск најави дека ќе препорача Полска да се повлече од овој меѓународен договор.
Отавската конвенција, потпишана од повеќе од 160 земји, забранува производство, складирање и користење на противпешадиски мини. Меѓу потписниците е и Украина, но не и САД и Русија. ссм/
фото: архива