• Saturday, 27 July 2024

Поетски портрет на Елизабета Баковска и повеќе интернационални поети дел од програмата на 36. Поетска ноќ во Велестово

Поетски портрет на Елизабета Баковска и повеќе интернационални поети дел од програмата на 36. Поетска ноќ во Велестово

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Поетски портрет на творештвото на Елизабета Баковска и настап на поети од Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија се дел од програмата на 36. Поетска ноќ во Велестово што ќе се одржи од 16 до 18 август во Охрид.

Новитетите од годинава се „Поетско интермецо“ и претставувањето на творештвото на поетот преку разговор.

- Наместо преку беседа, творештвото на поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид, информира програмската директорка на фестивалот, Јулијана Величковска.

Годинешното издание на „Поетска ноќ во Велестово“ ќе биде отворено на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Потоа следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска и настанот „Поетско интермецо“. 

Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. 

На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.

Фестивалот кој е овозможен од Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.

Негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицерија „Немо“ од Охрид.

Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов. ар/дма/


Фото: Поетска ноќ во Велестово