Поделени новогодишни пакетчиња за најмладите во Кисела Вода
- Во празнична и весела атмосфера, денеска во паркот „Шопен“, во рамки на манифестацијата „Новогодишна приказна“, Општина Кисела Вода организираше настан на кој беа поделени новогодишни пакетчиња за најмладите.
Скопје, 30 декември 2025 (МИА) - Во празнична и весела атмосфера, денеска во паркот „Шопен“, во рамки на манифестацијата „Новогодишна приказна“, Општина Кисела Вода организираше настан на кој беа поделени новогодишни пакетчиња за најмладите.
-Со оваа акција, заедно со пакетчињата што претходно беа поделени, општината израдува вкупно 7.000 деца со бесплатни новогодишни пакетчиња, потврдувајќи ја континуираната грижа за најмладите жители. Настанот беше исполнет со насмевки, детска радост и забава, за што се погрижија Дедо Мраз, Гринч и разиграните аниматори. Посебен сјај на програмата ѝ дадоа дечињата од градинките „8 Март“ и „Весели цветови“, како и учениците од основните училишта „Круме Кепески“ и „Невена Георгиева – Дуња“, кои настапија со свои музички точки. Беше изведена и претстава на театарот „Отпишани“, додека за динамичната и енергична атмосфера беше задолжен диџеј Марио со труба. Најголемото воодушевување кај децата го предизвика спектакуларното појавување на Дедо Мраз, кој излезе од огромна кутија со помош на своите вредни џуџиња, соопшти Општина Кисела Вода.

Празничната атмосфера продолжува и вечерва со новогодишниот базар каде што ќе настапат Бока Конга и Боби Сакс, диџеј Марио со труба, а вечерта ќе биде заокружена со безвременските хитови на Миле Кузмановски. Настанот ќе го води Миро Кацаров.
-Воедно, упатуваме покана до сите граѓани утре, на плоштад „Македонија“, каде што во организација на Град Скопје ќе се одржи голем заеднички пречек на Новата година, заедно да ги прославиме новите почетоци и уште повеќе радости во годината што доаѓа, наведува Општината во соопштение. хс/вј/
Фото: Општина Кисела Вода