• Friday, 25 October 2024

Пицула: При оценувањето на Србија ќе инсистирам на исполнување на условите за влез во ЕУ

Пицула: При оценувањето на Србија ќе инсистирам на исполнување на условите за влез во ЕУ

Белград, 23 октомври 2024 (МИА) - Новиот постојан известувач на Европскиот парламент (ЕП) за Србија, хрватскиот европратеник Тонино Пицула денеска изјави дека во оценките за напредокот на Белград ќе инсистира на исполнување на условите кои за влез во ЕУ се поставени пред земјите кандидати, јави дописникот на МИА од Белград.

-Моја работа е да разговарам со претставници на институциите кои треба да ја завршат работата, бидејќи власта е најодговорна за ситуацијата во една земја. На мене останува да ги соопштам очекувањата и да анализирам што, според општа оценка, мора да се направи во отворените разговори со владините претставници, изјави Пицула за агенцијата Хина.

Запрашан за оценките на медиумите во Србија блиски до властите, кои го нарекуваат „србомрзец“, Пицула рече дека благодарение на неговото претходно искуство има „еден вид резистенција на се она што не е оправдана критика, што може да биде идеолошки или вредносно обоени“.

Запрашан за изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија утре ќе стане членка на ЕУ доколку го признае Косово и воведе санкции кон Русија, што ги отфрли како неприфатливи, Пицула одговори дека тоа нема да биде доволно.

-Ми се чини дека тоа се важни елементи кои би значеле дека Србија навистина го менува односот кон политичките процеси кои се исклучително важни за неа и за нејзините соседи. Но секако, покрај тоа, има и цела низа елементи на специфична политика што Србија, на патот кон своите конечни цели, мора да ги исполни, објасни Пицула.

Тој потсети дека постојат Копенхашки критериуми, кои се „патоказ што го следеа сите други земји, па ќе мора и Србија“.

На прашањето за средбите и договорите на Вучиќ со голем број европски лидери, како што се францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, како и доаѓањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која в петок ќе пристигне во Белград, Пицула нагласи дека е важно да се отвораат и затвораат поглавја и кластери, но исто толку важно е дали некому му сте потребни.

-Тоа е реалност во политиката, очигледно има лидери на земји-членки на ЕУ кои Србија ја гледаат како партнер за нивните национални интереси. Колку ја земаат предвид целата ситуација во Србија е прашање за нив, рече Пицула. об/ссм/