• Wednesday, 15 April 2026

Песков: Опасноста од обнова на војната на Блискиот Исток не е елиминирана

Песков: Опасноста од обнова на војната на Блискиот Исток не е елиминирана

Москва, 14 април 2026 (МИА) - Опасноста од обнова на војната на Блискиот Исток не е елиминирана - изјави синоќа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој рече дека разговорите меѓу САД и Иран досега завршиле без резултати.

Коментирајќи ги најавите на САД дека ќе ја блокираат Ормуската Теснина, Песков рече дека американскиот претседател Доналд Трамп рекол дека ќе ги блокира иранските пристаништа.

„Што значи тоа и што ќе подразбира - сè уште не разбираме“, нагласи Песков.

Трамп денеска се закани дека секој ирански брод, ако се приближи до американската блокада на Ормуската Теснина, ќе биде уништен.

„Иранската морнарица лежи на дното на морето, целосно уништена - 158 брода. Она што не го погодивме беше нивниот мал број на она што го нарекуваат „брзи бродови за напад“ бидејќи не ги сметавме за голема закана. Предупредување: Доколку некој од овие бродови се приближи до нашата блокада, веднаш ќе биде елиминиран“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Тру соушал“ кратко откога почна најавената блокада на Ормуската Теснина од страна на САД.

Трамп претходно објави дека САД ќе ги блокираат бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа почнувајќи од денеска.

Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) соопшти дека блокадата ќе се однесува на сите бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежните области, вклучувајќи ги пристаништата во Арапскиот Залив и Оманскиот Залив, и дека ќе се спроведува, без оглед на земјата на потекло на бродовите. мс/јт/

фото: ЕПА