• Sunday, 24 November 2024

Перински: Искуствата од Словенија исклучително важни за министерството и за мерки за намалување на аерозагадувањето

Перински: Искуствата од Словенија исклучително важни за министерството и за мерки за намалување на аерозагадувањето

Куманово, 21 ноември 2024 (МИА) - Министерството за локална самоуправа ќе применува позитивни практики од Словенија во рамки на дејствувањето на министерството, согласно законските надлежности, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински по промоцијата на набавената противпожарна опрема во Куманово.

Тој ја оцени дека неговата неодамнешна посета на Љубљана и Словенија за исклучително важна за самото министерство, но и во делот на носење мерки за справување со аерозагадувањето.

- Навистина многу беше многу полезна посетата не само во делот на аерозагадувањето туку на целокупниот менаџмент на управување со отпад. Сите оние лекции коишто ги научивме таму, сега веќе ги работиме и сакаме да ги имплементираме во рамките на нашиот ресор во рамки на нашите законски надлежности. Но на ниво на Влада, планираме да продуцираме и мерки коишто ќе треба да го превенираат аерозагадувањето, особено во зимските месеци коишто нè очекуваат. Свесни сме дека повеќе од 60 проценти од загадувањето произлегува од домаќинствата и затоа мора да делуваме во таа насока, затоа што овој проблем којшто нè тишти повеќе од десет години, еднаш засекогаш мора да го решиме, изјави министерот Перински. ам/сст/


Фото: МИА