• Sunday, 22 December 2024

Палестински движења: Договорот за прекин на огнот поблиску од кога било

Палестински движења: Договорот за прекин на огнот поблиску од кога било

Каиро, 21 декември 2024 (МИА) - Хамас и две други палестински групи, Исламски џихад и Народниот фронт за ослободување на Палестина, денеска соопштија дека договорот за прекин на огнот во Појасот Газа е поблиску од кога било.

-Можноста за договор (за прекин на огнот и размена на затвореници) е поблиску од кога било, доколку непријателот престане да наметнува нови услови, се вели во ретката заедничка изјава на трите групи по состанокот во Каиро вчеравечер.

Тие палестински групи ја истакнаа својата посветеност за ставање крај на војната во Газа, која започна со напад на Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година.

Минатонеделните индиректни разговори во Катар меѓу Израел и Хамас, со Доха и Египет како посредници, ги оживеаја надежите за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа.

Неименуван претставник на Хамас денеска изјави дека во последните денови е постигнат значителен и важен напредок во разговорите.

-Повеќето точки во врска со прекинот на огнот и размената на затвореници се договорени. Има и други точки за кои останува да се разговара, но тие не го загрозуваат процесот. Договорот би можел да биде финализиран пред крајот на годината доколку (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху не наметнува нови услови, додаде функционерот. мс/

фото: МИА архива