Охриѓанец осомничен за семејно насилство врз малолетен син и сопруга – предложен притвор
- Основното јавно обвинителство Охрид поведе постапка против 45-годишен охриѓанец поради сомнение дека сторил повеќе кривични дела: телесна повреда, загрозување на сигурноста и неизвршување на судска одлука.
Скопје, 26 март 2026 (МИА) - Основното јавно обвинителство Охрид поведе постапка против 45-годишен охриѓанец поради сомнение дека сторил повеќе кривични дела: телесна повреда, загрозување на сигурноста и неизвршување на судска одлука.
Според Обвинителството, на 24 март во семејниот дом во Охрид, осомничениот физички го нападнал својот 10-годишен син, нанесувајќи му повреди. Детето било удирано со тупаници, шамари и клоци по телото, а во еден момент осомничениот го фатил за коса и го подигнал од подот.
Дополнително, тој подолг временски период упатувал сериозни закани по живот кон својата сопруга, со што ја загрозил нејзината сигурност.
Од Обвинителството посочуваат дека насилството се случувало и покрај претходно изречени судски мерки за заштита од семејно насилство, со кои му било забрането да ја малтретира сопругата и децата. Осомничениот не ги почитувал изречените судски забрани.
Поради ризик од бегство и можност за повторување на делото, јавниот обвинител предложил определување мерка притвор. Судот треба да донесе одлука по предлогот. дма/вг/
Фото: МИА архива