• Saturday, 17 January 2026

„Охрид – луѓе и марифети“ – книга што го слуша пулсот на градот

„Охрид – луѓе и марифети“ – книга што го слуша пулсот на градот

Охрид, 17 јануари 2026 (МИА) – „Охрид – луѓе и марифети“ е новата книга на Томислав Тунтев, чија промоција се одржа денеска во Охрид. Делото претставува уште едно значајно сведоштво за животот, згодите и незгодите од охридски Варош, раскажани на стар охридски дијалект – посебен, богат и префинет говор кој сè поретко се слуша, а носи силен културен белег на градот.

На промоцијата, авторот истакна дека желбата да напише книга произлегла од потребата да остави траен пишан документ што ќе сведочи низ времето. Според Тунтев, иако многу медиуми исчезнале или се трансформирале, книгата останала најсигурниот чувар на колективната меморија.

- Секој столб, секое сокаче и секоја куќа во Охрид има своја приказна – не една, туку многу. Треба само да се рошне низ сеќавањата и тие да се пренесат на хартија, рече Тунтев, додавајќи дека најголем предизвик бил раскажувањето на приказните на начин што ќе ги истакне вредностите што ги поврзуваат луѓето, без да се навлегува во поделби.

Авторот посочи дека изборот книгата да биде напишана на стар охридски дијалект не е спротивставување на литературниот јазик, туку негово надополнување. 

- Литературниот јазик е основа на нашиот идентитет, но дијалектите се богатството на еден народ и тие мора да се чуваат, истакна Тунтев, нагласувајќи дека чувствувал одговорност да ги зачува зборовите и изразите што полека исчезнуваат од секојдневната употреба.

Според рецензентот на делото, хроничарот на Охрид, новинарот и публицист Владо Жура, книгата претставува јасен показ за авторска енергија, широка ерудиција и силна љубов кон староградскиот Охрид. Во својата рецензија, Жура наведува дека делото е искрено и топло писание што успева да ја долови душата на градот и неговиот староградски дух, присутен кај охриѓани во земјава и во дијаспората.

Томислав Тунтев е автор на две монографии, десетина учебници и стручни прирачници од областа на воздухопловството, како и на романот „Светиот завет“, за кој рецензентите оценија дека претставува едно од позначајните прозни дела посветени на Охрид. аб/лв/

фото/МИА