• Friday, 24 January 2025

Општина Куманово одвои половина милион денари за одлагање пластични шишиња и лименки

Општина Куманово одвои половина милион денари за одлагање пластични шишиња и лименки

Куманово, 23 јануари 2025 (МИА) - Општина Куманово одвои половина милион денари за „паметно управување со отпад“ и ќе ги субвенционира граѓаните за одлагање на пластични шишиња и лименки, информираа денеска надлежните од секторот за комунални дејности. Локациите каде ќе бидат поставени машините сè уште не се утврдени.

Граѓаните ќе добиваат т.н. зелени поени со секое правилно депонирано шише.

– Ќе бидат поставени во централното градско подрачје и суштината е секој кој ќе вметне пластично шише ќе добие еден зелен поен кој изнесува 0,5 денари. Од тие причини Општина Куманово со 500.000 денари ќе се вклучи во субвенционирање на исплата на овие зелени поени. Секој маркет ќе дава своја картичка каде ќе се акумулираат тие зелени поени каде ќе може подоцна граѓаните ќе можат да ги искористат во пазарење, изјави раководителката на секторот, Лидија Ланг Спасовска.

Кумановци ќе мора да инсталираат и мобилна апликација за да ги добиваат поените. Целта на проектот, како што е наведено е да се создадат навики кај граѓаните за селектирање на амбалажата, да се подигне еколошката свест, да се унапреди животната средина, да се намалат количините на отпад. ам/сст/


Фото: МИА