Општината ја бетонираше пешачка патека кај Алејата на ангелите на Градските гробишта во Кочани
- По барање на родители на починати деца од Кочани во трагедијата во „Пулс“, а по претходно детектирани и образложени проблеми со кои тие се соочуваат при посетите на Градските гробишта, Општина Кочани уреди пешачка патека во непосредна близина на Алејата на ангелите, информираат од локалната самоуправа.
Кочани, 16 декември 2025 (МИА) - По барање на родители на починати деца од Кочани во трагедијата во „Пулс“, а по претходно детектирани и образложени проблеми со кои тие се соочуваат при посетите на Градските гробишта, Општина Кочани уреди пешачка патека во непосредна близина на Алејата на ангелите, информираат од локалната самоуправа.
Бетонираната пешачка патека е со должина од 130 метри и ширина од 2,5 метри и има за цел да обезбеди побезбеден и подостоинствен пристап за родителите и граѓаните кои секојдневно доаѓаат да им оддадат почит на своите најблиски, се наведува во информацијата.

Градоначалникот Владко Грозданов истакнува дека Општината останува посветена на создавање пристојни услови на ова чувствително место.
– Должност на локалната самоуправа е да покаже разбирање, човечност и одговорност. Трагедијата што се случи пред девет месеци остави длабока болка, а наша обврска е да направиме сѐ што е во наша надлежност за родителите и семејствата да можат достоинствено да им оддадат почит на починатите младинци. Ова е мал, но неопходен чекор во таа насока, изјави Грозданов.
Општина Кочани најавува дека и во наредниот период ќе се разгледуваат дополнителни можности за подобрување на условите во овој дел од Градските гробишта, во согласност со потребите на семејствата. ис/вј/
Фото: Општина Кочани