Од ЈКП „Козјак“-Општина Старо Нагоричане апелираат за рационално користење на водата
- Надлежните од јавното комунално претпријатие „Козјак“ од Општина Старо Нагоричане апелираат до жителите за рационално користење на водата за пиење.

Куманово 23 јули 2025 (МИА) - Надлежните од јавното комунално претпријатие „Козјак“ од Општина Старо Нагоричане апелираат до жителите за рационално користење на водата за пиење.
-Апелираме на рационално и наменско користење на расположливите количини на вода, со цел обезбедување достапност на доволни количества здравствено исправна и чиста вода за пиење за потребите на корисниците на услугите од ЈКП „Козјак“ од општина Старо Нагоричане, изјави в.д. директорот, Ненад Јакимовски.
ЈКП „Козјак“ располага со девет бунари од кои дневно се пумпаат околу 25 литри во секунда, што е граничен капацитет за покривање на основните потреби на населението. Од претпријатието укажуваат дека несовесното трошење на вода за пиење, како што е користење за полевање тревници, полнење на домашните базени, наводнување ниви, овоштарници, градинарски култури и слично, значително го намалува притисокот во водоводната мрежа и е пречка да се обезбеди доволна количина на вода за пиење и одржување на личната хигиена на корисниците.
Претпријатието, во координација со локалната самоуправа, планира да воведе дополнителни мерки и ќе продолжи да ги информира граѓаните за состојбата.
-Од 2018 година наваму работиме активно на обезбедување нови извори, нови бунари, но овој период е исклучително тежок. Долготрајна суша е и состојбата будно се следи, додаде Јакимовски. ам/фф/
Фото: МИА