• Sunday, 27 October 2024

Од понеделник почнува Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло“

Од понеделник почнува Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло“

Скопје, 26 октомври 2024 (МИА) - Од понеделник почнува 15-то јубилејно издание на Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло“ во организација на Детскиот културен центар.

Овој културен настан, како што посочуваат од Детскиот културен центар, ги обединува љубителите на класична гитара, а во текот на изминатите 15 години прераснал во културен настан кој сведочи за присуството и појавата на сé поголем број светски познати уметници специјализирани за класична гитара.

Годинава, во рамки на „Тремоло“ ќе се одржат три концерти на кои ќе настапат домашни и странски познати гитаристи.

Првиот концерт ќе се одржи на 28 октомври во Музејот на македонската борба од 19 часот, каде ќе настапат најдобрите млади класични гитаристи, а следниот ден исто така од 19 часот во Националната филхармонија ќе настапат El Sonido De La Vida - Carlos Sancez од Шпанија. На 30 октомври исто така во Музејот на македонската борба ќе настапат Jimmy Liu (Shih-yu Liu) од Tајван и Cassie Martin од Франција.

Покрај трите концертни вечери, во текот на овој музички фестивал ќе се одржат и мастер часови и работилници од областа на класичната гитара и фламенко.

Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло" се одржува под покровителство на Град Скопје, а влезот е слободен. бак/

Фото: Детски културен центар