• Wednesday, 29 January 2025

Од денеска ригорозни контроли во маркети и други трговски објекти

Од денеска ригорозни контроли во маркети и други трговски објекти

Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Од денеска почнуваат ригорозни контроли во маркети и во други трговски објекти, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој утрово, како што соопшти, имал координација со министерот за економија и труд, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на Државниот пазарен инспекторат.

-Договоривме чекори кои ќе се случат, почнувајќи од денеска. На вчeрашната прес-конференција од ваши колеги беа потенцирани два ланца маркети кои можеби прават одредени изигрувања на законите и процедурите. Денеска тие ќе подлежат на ригорзна контрола и во деновите што следат. Според информациите со кои располагаме, имаме отприлика околу 20 000 коминтенти по ланец суперакети и ќе треба длабоко да се навлезе за да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе подлежат на ваков тип контроли зашто стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние ќе сториме се како Влада за да го заштитиме, изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на касарната „Гоце Делчев“ во Скопје.

Во зголемувањето на цените кај одредени маркети, Владата, рече премиерот, гледа напад врз стандардот на граѓаните.

-Сите треба да знаат дека сме сериозни и овој напад го сфаќаме како напад врз стандардот на граѓаните, а Владата има право и обврска да го шити јавниот и интересот на граѓаните, подвлече Мицкоски.

Тој вчера го поддржа најавениот бојкот од страна на на маркетите најавен за в петок, нагласувајќи дека „од почеток зборува за поединци во овој бизнис кои шпекулативно сакаат да профитираат“. мч/аа/

фото/видео: МИА