Одржана прва седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Делчево
- На седницата беа разгледани повеќе прашања од итен карактер поврзани со безбедноста на граѓаните, како и мерки за навремена реакција во потенцијални кризини ситуации.
Делчево, 22 јануари 2026 (МИА) - Општинскиот штаб за заштита и спасување во Делчево ја одржа својата прва седница за оваа година. На седницата беа разгледани повеќе прашања од итен карактер поврзани со безбедноста на граѓаните, како и мерки за навремена реакција во потенцијални кризини ситуации.
Како што информира за МИА, заменик-градоначалничката на Општина Делчево, Андријана Илиевска Велковски, состанокот на ова надлежно тело се одржа по претходна одлука за негово формирање.
-Како надлежно тело со кое раководи градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски, штабот е задолжен за координација и постапување во ситуации кои бараат итна реакција и навремено решавање на проблеми од значење за безбедноста на граѓаните. На седницата беа разгледувани повеќе прашања од итен карактер, меѓу кои и проблемот со појава на карпа на улица Маршал Тито каде е загрозен објект, за што беше изработен план и програма со конкретни чекори за негово решавање, изјави Илиевска Велковски.
Таа посочи дека како посебна точка на дневниот ред биле отворени и прашања поврзани со состојбата на водоводната и канализациската мрежа, при што биле јасно распределени надлежностите и одговорностите меѓу институциите и службите задолжени за нивно решавање.
-Седницата ја оценуваме како продуктивна, бидејќи се донесоа конкретни заклучоци и се задолжија надлежните служби веднаш да започнат со активности на терен, истакна заменик-градоначалничката.
Како еден од поважните заклучоци од седницата, била нагласена потребата од интензивирање на комуникацијата и координацијата со надлежните институции во делот на превенција и заштита од пожари. Поради зголемениот број пожари во текот на оваа година, договорено е подготовките за противпожарна заштита да започнат уште во текот на месец октомври. вс/
Фото: МИА
