Објавен конкурс за доделување „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“
- Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) и оваа година, осма по ред, распишува конкурс за доделување „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“. Краен рок за доставување на сториите е 1 април 2025 година.

Скопје, 12 март 2025 (МИА) - Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) и оваа година, осма по ред, распишува конкурс за доделување „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“. Краен рок за доставување на сториите е 1 април 2025 година.
- Станува збор за доделување на наградите за новинарство „одоздола“, односно награди за новинари кои работат на теми поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи. Да не зборавиме дека она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија, се вели во соопштението од МППС.
Наградите, како што се наведува, имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои
им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам.
Новинарското дело треба да е објавенo во периодот 20 март 2024 до 20 март 2025 година. Објавата може да биде на радио, телевизија, печатен или онлајн медиум. Медиумот може да работи на национало, регионално или локално ниво. Дозволени се сите традиционални и нови формати на објави, вклучително и подкасти и фотографии/фоторепортажи. Објавата мора да е поврзана со сиромаштија или социјалната исклученост и да се однесува на ситуацијата и луѓето во Македонија.
Еден новинар може да пријави само едно дело. Може да бидат пријавени повеќе дела од иста редакција, но од различни новинари.
Доделените награди, нема да бидат во пари и ќе имаат симболичен карактер.
За учество е потребна апликацијата која може да се пополни на линкот https://forms.gle/dUvnqi6ehxJ8zWrz9. Сториите може да бидат испратени на е-маил mppsmk@gmail.com, во оргинален формат или само линкот на медиумот каде што се објавени, а на истиот маил може да се добијат и повеќе информации. мд/
Фото: Фејсбук на Македонска платформа против сиромаштијата