Новата подробна астрономска мапа нуди можности за подетално проучување на темната материја
- Темната материја ни впива, ниту испушта светлина, па затоа научниците не можат директно да ја набљудуваат. Наместо тоа, тие гледаат како нејзината гравитација ја искривува и свиткува материјата околу неа...
Хјустон, 27 јануари 2026 (МИА) - Нова мапа на далечните галаксии со висока резолуција би можела да им помогне на научниците подобро да ја разберат мистериозната невидлива супстанција, позната како темна материја, којашто, се верува, го одржува универзумот.
Темната материја ни впива, ниту испушта светлина, па затоа научниците не можат директно да ја набљудуваат. Наместо тоа, тие гледаат како нејзината гравитација ја искривува и свиткува материјата околу неа - на пр. светлината од далечните галаксии. Со проучување на овие искривувања во Вселената, научниците можат да се приближат до откривањето на темната материја и нејзините скривалишта. Најновата мапа, создадена со користење на слики од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА, е најподробната досега, за толку голема површина на небото. Има двојно поголема резолуција од претходните обиди направени со телескопот Хабл и опфаќа стотици илјади галаксии стари и до 10 милијарди години.
Обичната материја околу нас - ѕвездите, планетите и луѓето сочинуваат само околу пет отсто од Вселената. Со десетлетија, истражувачите се обидуваат да го откријат тој дел од остатокот - темната материја што сочинува веројатно - повеќе од четвртина од нашиот универзум.
А пак, друг дел му припаѓа на друга, подеднакво мистериозна сила - темната енергија.
- Сега можеме сè да видиме многу појасно, изјави авторката на научниот труд, Дијана Скоњамиљо од Лабораторијата за млазен погон при НАСА.
Темната материја има голема улога во обликувањето на Вселената каква што ја знаеме, според астрофизичарката Рутупарна Дас од Центарот за астрофизика „Харвард-Смитсонијан“. Таа не е вклучена во новите првични истражувања.
- Луѓето се природно љубопитни да дознаат повеќе за своето потекло, а таа приказна не може да се раскаже без темната материја. Универзумот е нашиот дом и сакаме да ја разбереме неговата природа, рече Дас.
Картата објавена вчера во списанието „Нејчр астрономи“ (Nature Astronomy), дава нови информации за мноштвото галаксии и сноповите темна материја што ги поврзуваат. Токму овие структурирани делови - сегмент по сегмент, градат еден вид скелет на универзумот. Научниците можат, проучувајќи ја картата, да го осознаат, на пр., начинот на којшто темната материја се акумулирала и се групирала во текот на милијарди години. си/сд/
Фото: МИА архива