• Monday, 17 June 2024

Николоски на 10. Економски и финансиски дијалог со ЕУ: Реформите остануваат клучни за напредокот во евроинтеграциите, РС Македонија во 2023 со најдобра оценка

Николоски на 10. Економски и финансиски дијалог со ЕУ: Реформите остануваат клучни за напредокот во евроинтеграциите, РС Македонија во 2023 со најдобра оценка

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Спроведување на веќе усвоениот Буџет за 2024 година, исполнување на поставените фискални цели и навремено носење на новиот Буџет за 2025 година во согласност со фискалните правила од новиот Закон за буџети, се дел од препораките за Северна Македонија од заедничките заклучоци од десеттиот Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство, што се одржа денеска во Брисел, а на кој учествувал заменик-министерот за финансии Филип Николоски.

- РС Македонија го спроведе успешно десеттиот циклус од Економскиот и финансиски дијалог, добивајќи најдобра оценка (55,6 од вкупно 100 проценти) од сите земји учеснички во овој процес во спроведување на дефинираните мерки и реформи во рамки на Програмата за економски реформи. Тоа се реформи дефинирани заедно со ЕУ, реформи кои не приближуваат до ЕУ и создаваат услови за економски раст, изјавил заменик-министерот за финансии.

Тој, како што пренесува Министерството за финансии, оценил дека овој процес е многу значаен за земјите аспиранти во ЕУ и дека дава силна поддршка на нивното приближување кон Унијата. Како што посочил, досега РС Македонија четири пати е лидер во усвојување на реформите (2017,2019, 2020 и 2023).

- Сега очекуваме овие реформи да добијат уште посилна поддршка преку новиот План за раст на Западен Балкан и дека таа поддршка треба максимално да се искористи, рекол Николоски.

Програмата за економски реформи 2024-2026 содржи 17 реформски  мерки во шест структурни реформи насочени кон зајакнување на конкурентноста на земјата, одржливоста и отпорноста на економијата, како и зајакнување на човечкиот капитал и социјалните политики. Предвидува фискална консолидација и намалување на дефицитот за 1,6 п.п. до 2026 година и стабилизирање на инфлацијата. Клучни предизвици за земјата се нотирани во областа на неформалната економија, неусогласеност на вештините со барањето на пазарот на труд, како и напредок во зелената транзиција.

- Економскиот и финансиски дијалог, според учесниците, и понатаму ќе игра значајна улога во утврдување на заедничките насоки за политики и поддршка за одржливо економско закрепнување и усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Клучно е спроведување на реформите, што ќе биде поттикнато и преку Планот за раст на Западен Балкан и реализација на Реформската агенда, со цел забрзување на економската конвергенција кон ЕУ, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

На годинашниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествувале претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина. бак/са/

Фото: Министерство за финансии

You May Also Like