• Sunday, 01 February 2026

Никозија го поздрави продолжувањето на мандатот на мировните сили на ОН, Анкара со остри критики

Никозија го поздрави продолжувањето на мандатот на мировните сили на ОН, Анкара со остри критики

Никозија, 31 јануари 2026 (МИА) – Владата на Република Кипар ја поздрави одлуката на Советот за безбедност на ОН за продолжување на мандатот на мировните сили на ОН на Кипар (УНФИЦИП) до 31 јануари 2027 година. Со ова се потврдува поддршката за обновување на преговорите за решавање на кипарското прашање, пренесува „Сајпрус мејл“.

Министерството за надворешни работи на Кипар соопшти дека присуството на мировните сили останува клучно „се додека трае турската окупација“, нагласувајќи ја подготвеноста за конструктивна соработка со ОН.

Резолуцијата беше усвоена синоќа со 13 гласа „за“ и два воздржани (Пакистан и Сомалија). Со документот се потврдува посветеноста на ОН за праведно решение базирано на двозонална и двокомпонентална федерација со политичка еднаквост, со предупредување дека сегашниот статус кво е неодржлив.

Од друга страна, Турција упати остри критики за ваквата одлука. Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека мандатот е обновен без согласност на кипарските Турци, што според нив е во спротивност со принципите на ОН. Анкара повторно повика меѓународната заедница да го прифати моделот на две држави на островот.

Кипар е поделен од 1974 година по турската воена интервенција. Република Кипар и Грција се залагаат за федеративно решение, додека Анкара инсистира на признавање на две суверени држави. Последниот круг преговори во 2017 година заврши без успех. ссм/

фото: архива