„Нетфликс“ се откажува од натпреварот со „Парамаунт“ за преземање на „Ворнер брос“
- „Оваа трансакција отсекогаш била 'убаво да се има' по вистинската цена, а не 'задолжителна' по која било цена“, сметаат тие.
Лос Анџелес, 27 февруари 2026 (МИА) - „Нетфликс“ се повлекува од натпреварот за купување на „Ворнер брос дискавери“, соопштувајќи дека нема да ја зголеми својата понуда откако целната компанија ја оцени подобрената понуда од холивудскиот гигант „Парамаунт“ како - „надмоќна“, т.е. највисоко прифатлива.
Стрим-платформата соопшти дека ревидираната понуда од „Парамаунт“ ја прави трансакцијата „повеќе непривлечна од финансиско гледиште“. Претходно, „Ворнер брос“, и покрај „надмоќната“ понуда на „Парамаунт“, соопшти дека препораката на акционерите кои го поддржуваат предлогот на „Нетфликс“, сѐ уште важи - според соопштение објавено по затворањето на американската берза. Гласањето на акционерите е закажано за 20 март, па официјално, постојниот договор за спојување со „Нетфликс“ останува во сила.
Инаку, „Нетфликс“ понуди околу 83 милијарди долари за филмските студија и стрим-операциите на „Ворнер“. Извршните директори на „Нетфликс“, Тед Сарандос и Грег Питерс нагласија дека таа спогодба ќе донесе вредност за акционерите и ќе понуди јасен пат до регулаторно одобрување.
„Сепак, секогаш сме биле дисциплинирани и по цената што е потребна за да се изедначи со најновата понуда на 'Парамаунт скајденс', договорот веќе не е финансиски привлечен... Уверени сме дека можевме да ги управуваме култните брендови на 'Ворнер' и да ја зајакнаме американската забавна индустрија, зачувувајќи ги и создавајќи нови работни места во продукцијата. Но, оваа трансакција отсекогаш била 'убаво да се има' по вистинската цена, а не 'задолжителна' по која било цена“, сметаат тие.
„Нетфликс“ и „Ворнер брос“ постигнаа обврзувачки договор на почетокот на декември што ги опфаќа студиските и стрим-бизнисите. Неколку дена подоцна, „Парамаунт“ директно им се обрати на акционерите со понуда од 108,4 милијарди долари за целата група „Ворнер брос дискавери“, вклучувајќи ги и нејзините телевизиски мрежи како што е „Си-ен-ен“. си/сд/
Фото: МИА архива