• Tuesday, 16 December 2025

Неправилности во финансиското работење на Државна лотарија во 2024 година и можни злоупотреби со парите во готово, утврди ревизијата

Неправилности во финансиското работење на Државна лотарија во 2024 година и можни злоупотреби со парите во готово, утврди ревизијата

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - Сериозни неправилности поврзани со нелогични и непостоечки трансакции и записи без соодветна финансиска документација се само дел од неправилностите што ги констатирале ревизорите кај Државната лотарија за работењето во 2024 година. Ова, според ревизорите, отвара сомнеж за злоупотреба на парични средства и незкаонско работење со благајната и платежните сметки. 

Во официјалната информација од ревизијата се наведува дека дневниот пазар по основ на продадени лотариски и електронски игри на среќа не бил редовно уплатуван на платежните сметки во деловните банки. Во 2024 година била извршена уплата по основ на дневен промет и тоа во април и кон крајот на 2024 година. Овие уплати, како што утврдиле ревизорите, не биле од дневен промет, туку средства кои се подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка на компанијата.

Истовремено, не биле воспоставени внатрешни контроли во целокупното работење на друштвото, а немало ниту разграничување на надлежностите меѓу вработените и следење и контрола на трансакциите во процесот на продажба и евидентирање и уплата на дневен промет од продажба.
Во Правилникот за систематизација на работни места предвидени и пополнети биле работни места благајник и шеф на сметководство во Секторот за финансии и сметководство, но поголем дел од работите што се однесувале на прием и ракување со готови пари, како и нивно сметководствено евидентирање ги извршувало директорот на Секторот за финансии и сметководство.

- На ова се надоврзува и околноста што во друштвото не функционирала внатрешната ревизија, што резултирало со неоткривање на недозволените и нелегални активности. Наведеното, предизвикува нефункционално финансиско управување, ја нарушува финансиската дисциплина и претставува сомнеж за можна злоупотреба на парични средства. Државните ревизори утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971 илјади денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер, стои во информацијата од ревизорите.

Во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите истакнуваат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63.294 илјади денари помал во однос на износот добиен според централниот on-line систем, што не е во согласност со правилата на играта, ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на Државна лотарија.

Неправилности се утврдени и при доделените договори за маркетинг услуги, а во 2024 година била набавена и опрема во вкупен износ од 26.620
илјади денари, без соодветна документација за извршен квалитативен и квантитативен прием на истата. Дел од примената опрема во износ од 15.387 илјади денари, не одговарала на перформансите наведени во техничката спецификација од склучените договори, како и на опремата евидентирана во сметководството. 

- Наведената состојба e констатирана И CO извршениот попис за 2024 година, CO кој истовремено е утврден и кусок на истата опрема (телевизори за продажните места на деловните соработници, систем за видео надзор и дел од компјутерска и комуникациска опрема) во износ од 3.722 илјади денари, стои во ревизорскиот извештај. бак/са/

Фото: МИА архива

 

 

You May Also Like