• Tuesday, 10 February 2026

На првата седница на новиот ИК на ВМРО-ДПМНЕ избрани претседатели на партиски комисии

На првата седница на новиот ИК на ВМРО-ДПМНЕ избрани претседатели на партиски комисии

Скопје, 9 февруари 2026 (МИА) - На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се донела одлука за распишување огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.

-Вечерва имаше прва редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во рамките на кадровските освежувања, Извршниот комитет донесе одлука за распишување огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и генерален избор на претседатели на сите општински комитети, објави на својот Фејсбук профил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој информираше дека се донела одлука за избор на повеќе претседатели на партиски комисии, при што за претседател на Комисија за здравство избран е Сашо Клековски, за претседател на кадрова комисија е избран Благоја Ташаминов, претседател на комисија за безбедност и одбрана е Панче Тошковски, додека нов претседател на комисијата за туризам е Аккан Махмут.

За претседател, пак, на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје бил избран Златко Перински.

-Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!, напиша Мицкоски во објавата на Фејсбук.

На седницата на Централниот комитет на партијата одржана во петокот, беше избран нов Извршен комитет, додека за генерален секретар беше избран Драган Ковачки. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиуми истакна дека одлуките донесени на седницата на ЦК на партијата се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици. нд/хс/

Фото: Фејсбук Христијан Мицкоски