На денешен ден
- 1118.- Роден е кентерберјскиот надбискуп Томас Бекет, кој во 1170 година бил погубен поради противењето на политиката на англискиот крал Хенри Втори. Претходно бил близок пријател на кралот и негов канцелар до изборот за надбискуп во 1162 година. Противејќи се на ограничувањата на црковната власт, посебно на судството, во 1164 година емигрирал во Франција. По враќањето со одлука на Хенри Втори бил погубен во Кентербериската катедрала. Бил прогласен за светец во 1173 година и неговиот гроб во катедралата станал едно од попривлечните места за верниците во средновековна Европа.
21 декември 2024 (МИА)
1118.- Роден е кентерберјскиот надбискуп Томас Бекет, кој во 1170 година бил погубен поради противењето на политиката на англискиот крал Хенри Втори. Претходно бил близок пријател на кралот и негов канцелар до изборот за надбискуп во 1162 година. Противејќи се на ограничувањата на црковната власт, посебно на судството, во 1164 година емигрирал во Франција. По враќањето со одлука на Хенри Втори бил погубен во Кентербериската катедрала. Бил прогласен за светец во 1173 година и неговиот гроб во катедралата станал едно од попривлечните места за верниците во средновековна Европа.
1375.- Умрел Џовани Бокачо, славен италијански писател и хуманист. Пишувал песни, романи и новели. Најпознато дело му е „Декамерон“. Во ова дело на најдобар начин е регистриран ренесансниот дух кој ја отфрлил средновековната строгост, алегоричноста и опседнатоста со вонземски живот.
1639.- Роден е Жан Расин, француски поет и драмски писател од епохата на класицизмот. Негови познати дела се „Андромаха“, „Британикус“, „Федра“, „Парничари“ и други. Умрел на 21 април 1699 година.
1781.- „Патентот за толеранција“ кој го изработил австрискиот цар Јосиф Втори, ги изедначил сите вероисповеди во монархијата. Тогаш било овозможено вработување и на друговерците во државната служба, што дотогаш било привилегија исклучиво на римокатолиците.
1804.- Роден е англискиот државник и писател Бенџамин Дизраели, основач и водач на конзервативците. Двапати бил премиер, првпат во 1869, и вторпат од 1874 до 1880 година. Дизраели бил еден од главните протагонисти на експанзионистичката политика на Велика Британија во втората половина на 19. век. Почнал освојувачка војна против Бурите во 1877 година, војувал против Авганистан и го ставил под британски протекторат, а во 1878 година го освоил и Кипар. Бил противник на Русија и Франција, а ги поддржувал Австроунгарија и Турција.
1817.- Гувернерот Лаклан Меквори формално го прифатил името „Австралија“ за таа британска колонија.
1842.- Роден е рускиот револуционер Петар Алексеевич Кропоткин, анархистички теоретичар и противник на марксизмот. Дела: „Взаемна помош“, „Големата Француска револуција“, „Записи на револуционерите“.
1892.- Родена е англиската писателка Ребека Вест. Нејзиното изворно име е Сесилија Изабела Ферфилд. По престојот во Кралството Југославија во 1937 и во 1941 година го напишала опсежното патеписно-историско дело „Црното јагне и сивиот сокол“. Останати дела: романите „Војниковото враќање“, „Судија“, „Харијет Хјум“, студиите за велепредавството „Значењето на предавството“, „Воз со барут“.
1900.- Американскиот лекар Волтер Рид со експеримент врз еден доброволец успеал да докаже дека жолтата треска ја пренесуваат еден вид комарци. Неговото откритие довело до изолирање и отстранување на оваа болест.
1901.- Италијанскиот научник Гуљелмо Маркони, од градот Полди во Корнвол, Англија, со помош на антена испратил еден единствен сигнал, буквата С од Морзеовата азбука, преку Атлантикот, на оддалеченост од 3.000 километри. Приемот стигнал во Њуфаундленд, во САД.
1917.- Роден е германскиот писател Хајнрих Теодор Бел, добитник на Нобеловата награда за литература во 1972 година, мајстор на краткиот расказ, доловувајќи ја атмосферата на ликовите и ситуациите во неколку реченици. Дела: „И не кажувај ни збор“, „Куќа без чувар“, „Мислењето на еден кловн“, „Групна слика со дамата“, „Возот беше точен“, „На крајот од службениот пат“.
1918.- Роден е австрискиот политичар Курт Валдхајм. Од 1972 до 1981 година бил генерален секретар на ОН. Како офицер во германската војска во текот на Втората светска војна се наоѓал на територијата на Југославија и на Грција, за што постојат сериозни индиции дека тогаш сторил воени злосторства. Од 1985 до 1992 година бил претседател на Австрија.
1937.- Родена е американската филмска актерка Џејн Фонда, ќерка на филмската ѕвезда Хенри Фонда. Била општествено ангажирана, посебно против учеството на САД во Виетнамската војна, но и на други полиња, против расизмот и се борела за правата на жената.
1922.- Во Кавадарци е роден Мито Хаџивасилев - Јасмин, македонски револуционер, мислител, државник, новинар и публицист. Умрел на 1 август 1968 година.
1937.- Во Холивуд била одржана премиерата на филмот „Снежана и седумте џуџиња“ на Волт Дизни, првиот целовечерен цртан филм во филмската историја.
1940.- Умрел американскиот писател Френсис Скот Фицџералд, претставник на „изгубената генерација“ и „времето на џезот“ по Првата светска војна. Дела: романите „Големиот Гетсби“, „Блага е ноќта“, збирката песни, есеи и белешки „Прскање“, збирката раскази „Приказни од времето на џезот“.
1945.- Умрел американскиот генерал Џорџ Смит Патон, од последици во сообраќајна несреќа во Германија. Во Втората светска војна се истакнал како енергичен и вешт командант на оклопните единици. Дела: „Војната како што јас ја гледав“.
1945.- Грчката жандармерија ги уапсила секретарот на реонскиот комитет на КПГ, Таки Белчев и офицерот на ЕЛАС, Понто Влахов од селото Пилкади, Костурско. Идниот ден во селото Калевишта, Костурско на ѕверски начин биле убиени.
1958.- Гернералот Шарл де Гол бил избран за прв претседател на Петтата француска република. Со новиот устав тој се здобил со овластувања какви што до тогаш немал ниеден претседател на Франција.
1967.- Во Кејптаун, во Јужноафриканската Република, умрел Луис Ваткански, првиот човек на кого му било трансплатнирано срце. Новото срце работело во неговите гради 18 дена по пресадувањето.
1968.- Соединетите Американски Држави го лансирале кон Месечината космичкиот брод „Аполо – 8“ со човечки екипаж (Френк Бормен, Џемс Ловел и Вилијам Андерс). Бродот десет пати ја обиколил Месечината и на 27 декември 1968 година успешно се спуштил на Земјата.
1989.- Претседателот на Романија Николае Чаушеску прогласил вонредна состојба во жупанијата Тимиш, во која два дена претходно избувнале масовни демонстрации против неговиот режим. Немирите набрзо се прошириле и во Букурешт, а по неколкудневните демонстрации и судири, поради тоа што војската застанала на страната на побунетите, неговиот режим бил урнат. По судењето, за многу кратко време заедно со Елена, неговата сопруга, бил стрелан во дворот на касарната во Трговиштe.
1993.- Јапонија ја признала Република Македонија.
1993.- Претседателот на Русија Борис Елцин го распуштил Министерството за безбедност, наследник на моќната тајна полиција КГБ, кажувајќи дека тоа го сторил затоа што Министерството пропуштило благовремено да го предупреди на опасниот развој на случувањата и затоа што тие сили кои со децении ги застрашувале граѓаните не е можно да се реформираат.
1994.- Русија успешно ја тестирала новата интерконтинентална ракета на полигонот во Плесец, во северниот регион Архангелск. Ракетата "Топол - М", претставува прва целосно направена во Русија, која ги заменува седумте поранешни видови ракети што биле произведени во Украина.
1994.- Група селани во Перу, откриле 30 добро сочувани мумии од периодот пред Инките, во една пештера, во југоисточниот дел на земјата. Археолозите верувале дека откриените мумии се стари 800 години.
1994.- Република Македонија и Ватикан воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасадори.
1999.- Во Скопје умрел Војкан Јовановиќ, првенец на Операта на Македонскиот народен театар. Роден бил во Ниш, во 1964 година.
2004.- Во нападот на бомбашите-самоубијци врз американската база во ирачкиот град Мосул загинале 24 лица, од кои 20 американски војници, а биле ранети 66 лица, од кои 42 американски војници и 10 американски цивили.
2015.- Почина Блаже Алексоски - Глумецот, актер во пензија од театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Блаже Алексоски - Глумецот целиот свој живот му го подари на театарот. Бил еден од основачите на театарот, во кој се вработил во 1953 година и го дал својот придонес се до неговото пензионирање. Одиграл голем број улоги - Луков во Чашулевата „Црнила“, Омер во „Робот и Агата“ од Чернодрински, Ристе во „Мангите пијат чај“... Остана запаметен по улогата „Татко“ од Стринберг. Оствари и завиден број режии на театарски претстави, пред се на битови драми, меѓу кои на „Бегалка“, „Печалбари“, „Антица“... За своите актерски реализации Алексоски се здоби и со признанија на МТФ „Војдан Чернодрински“, како и со наградата за животно дело на овој фестивал. Тој беше првиот лауреат на ова угледно фестивалско признание од Прилепскиот театар. За неговиот придонес за театарот признание му оддаде и Општина Прилеп. Во последните години Алексоски стана вистински хроничар на Прилеп. Како драматичар дебитираше со пиесата „Итроман Пејо“, а напиша уште десетина драмски текстови, меѓу кои и „Колобан“, по кој се играше и истоимената претстава во театарот. Ги напиша и делата „Аџи Христо Логотет“, „Тале Мелезот“, романот „Ах“, „Прилепските прекари“, а остави зад себе и необјавени творби.
2020.- На 75-годишна возраст почина доајенот на македонскиот театар, Љупчо Петрушевски. Актерот Љупчо Петрушевски дипломира на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од првата генерација на дипломирани актери. Целиот работен век од 1966 година до пензионирањето го поминува во МНТ. Во периодот од 1983 до 1988 година ја извршува функцијата директор на Драмата на МНТ, а потоа 1988 до 1999 година е директор на МНТ. Повторно е директор на Драмата на МНТ во периодот од 2004 до 2006 година. Петрушевски беше неразделен дел од театарот и по пензионирање беше верен поддржувач и гледач на претставите на своите колеги. Секогаш ќе остане запомнет по маркантниот став и секогаш кога ќе се појавеше привлекуваше со внимание и посветеност. Беше неизмерно посветен на театарот. На сцената го имаше релативно кратко, од 1967 до 1984 година, но во голем број на главни и споредни улоги. Во аналите на МНТ ќе остане како директор кој постојано се бореше театарот и преставите да стигнат што подалеку од матичната сцена и да го пронајдат својот пат до сите. Петрушевски ќе остане запомнет и препознатлив и по филмските и телевизиски улоги.
###