• Wednesday, 25 February 2026

Најмалку 22 лица загинаа во поплавите во Бразил

Најмалку 22 лица загинаа во поплавите во Бразил

Рио де Жанеиро, 25 февруари 2026 (МИА) - Најмалку 22 лица загинаа по обилните дождови во југоисточен Бразил.

Градот Хуиз де Фора вчера прогласи вонредна состојба, ја прекина наставата во сите општински училишта и почна потрага по најмалку 45 исчезнати лица.

Според прелиминарните бројки, најмалку 16 лица загинале само таму.

Градската администрација соопшти дека шест лица загинале како резултат на дождовите во градот Уба, оддалечен 100-ина километри. Таму река се излеала од коритото и ги поплавила централните улици.

Ридестата топографија на регионот е склона кон лизгање на земјиштето и поплави за време на обилните дождови. Прогнозирани се дополнителни врнежи од дожд.

„Ова е најдождливиот февруари откога почнаа евиденциите, со врнежи од дожд што веќе се повеќе од двојно поголеми од очекуваната количина за овој месец“, рече градоначалничката на Хуиз де Фора, Маргарида Саломао. Градот е во критична ситуација, додаде таа.

Повеќе од 400 луѓе мораа да ги напуштат своите домови поради временските услови. Властите прогласија тридневна национална жалост.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва нареди итна мобилизација на федералната влада.

„Би сакал да изразам најдлабоко сочувство до семејствата што ги загубија своите домови, а уште полошо, и до своите најблиски“, рече Лула на платформата „Икс“. мс/јт/

фото: ЕПА архива