• Monday, 09 February 2026

Најмалку шест жртви по уривањето на висококатница во Либан

Најмалку шест жртви по уривањето на висококатница во Либан

Бејрут, 8 февруари 2026 (МИА) - Најмалку шест лица загинаа, а седум се повредени при уривање на две соседни згради во либанскиот град Триполи.

Меѓу загинатите има жена и дете, објави државната Национална новинска агенција.

Според шефот на општинскиот совет, Абдел Хамид Кариме, повеќе луѓе се заробени под урнатините.

Сепак, тој не прецизираше колку луѓе би можеле да бидат заробени под урнатините во населбата Баб Табане во северниот град.

Претходно, шефот на службата за цивилна заштита на Либан изјави дека 22 жители се наоѓаат во урнатините.

Како што објавија либанските медиуми, спасувачите и жителите досега извлекле три лица живи од под урнатините.

Министерството за здравство на Либан соопшти дека повредените во уривањето ќе добијат лекување на државен трошок. мс/

фото: „Х“