• Saturday, 26 October 2024

Работилница против врсничко насилство за родителите од општина Аеродром

Работилница против врсничко насилство за родителите од општина Аеродром

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) -  Во основното училиште „Љубен Лапе“ денеска ќе се одржи едукативната работилница против врсничко насилство наменета за родителите од општина Аеродром, организирана во рамки на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ на компанијата „Макпетрол“.  

Работилници со ваква тема изминатава година беа организирани и за учениците од основните училишта во земјава. Како и тие, така и на средбите наменети за родители за стручниот аспект ќе биде задолжен психолог со долгогодишна работа со проблемот со булингот. Актерот Сашко Коцев, пак, ќе биде водител на овие настани.

- На општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ се приклучија 26 општини. Компанијата потпиша меморандуми за соработка со Крива Паланка, Берово, Свети Николе, Ново Село, Струга, Кавадарци, Валандово, Дојран, Кочани, Охрид, Виница, Битола, Штип, Бутел, Петровец, Илинден, Чучер-Сандево, Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, Ѓорче Петров, како и со две основни училишта во Општина Прилеп, соопшти организаторот. 

Ученици во повеќе од 150 училишта во наведените општини изминатава година ги посетиле работилниците овозможени од „Макпетрол“.

Првата работилница се одржа на 5 октомври во Општина Центар, во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Со присуство на поголем број родители, на оваа средба беа споделени знаења за булингот и се водеше интересна дискусија.

-Кампањата на „Макпетрол“ е мошне активна и онлајн, преку интернет-страницата kreniglas.mk. Ова е платформа која што содржи голем број едукативни информации за врсничкото насилство, а истата служи и за анонимно споделување лични приказни и искуства со булингот. Освен големиот број комуникациски материјали, вебсајтот содржи и прирачници наменети за ученици, наставници и за родители, соопшти организаторот. дма/са/

Фото: Макпетрол