• Saturday, 25 January 2025

Муцунски – Бримора: Проширувањето на Европската Унија останува приоритет на Полското претседателство

Муцунски – Бримора: Проширувањето на Европската Унија останува приоритет на Полското претседателство

Скопје, 24 јануари 2025 (МИА) -  Проширувањето на Европската Унија останува приоритет на Полското претседателство, посочиле на денешната средба министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и вршителот на работите во Амбасадата на Република Полска, Мариуш Бриморa.

На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, била нагласена силната и искрена врска меѓу двете земји, заснована на долгогодишни пријателски односи.

Министерот Муцунски ја посочил важноста на поддршката од Полска во процесот на европските интеграции на земјава, особено во контекст на актуелното Полско претседателство со Советот на Европската унија.

Во таа насока, Муцунски изразил уверување дека Полското претседателство ќе го динамизира пристапниот процес на Северна Македонија, овозможувајќи побрз напредок во исполнувањето на критериумите за членство и интеграцијата во Европската унија.

Бримора, пак, нагласил дека проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан останува приоритет на Полското претседателство во следните шест месеци. Тој го поздравил реформскиот напредок на земјава и потврдил дека Полска силно и недвосмислено ќе продолжи да го поддржува европскиот пат.

- Од двете страни беше повторена заедничката посветеност за зајакнување на билатералната соработка и регионалната стабилност, како и подготвеноста за континуирани напори во промоцијата на вредностите и принципите на Европската унија, со цел остварување на заедничкиот интерес за стабилна и просперитетна Европа, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. дма/бак/

Фото:  МНРиНТ