• Monday, 28 October 2024

Моралес ја обвини владата на Боливија дека се обидела да го убие

Моралес ја обвини владата на Боливија дека се обидела да го убие

Ла Паз, 28 октомври 2024 (МИА) - Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес ја обвини владата на неговиот некогашен сојузник Луис Арсе дека се обидела да го убие минатата ноќ, откако неговиот автомобил бил погоден со куршуми во заседа, јавија британските медиуми.

Моралес, чии приврзаници со недели поставуваат блокади на патиштата во знак на поддршка на загрозениот поранешен претседател, објави видео на Фејсбук на кое се гледа како на совозачкото место има дупки од куршуми на ветробранското стакло на автомобилот.

„Елитните агенти на боливиската држава денеска се обидоа да ми го одземат животот“, напиша Моралес на оваа социјална мрежа.

Во коментари на социјалните мрежи, Арсе ја осуди секоја употреба на насилство во политиката и повика на итна и темелна истрага.

Заменик-министерот за безбедност на Арсе вети дека ќе ги истражи сите информации, „без разлика дали се вистинити или лажни“.

Британските медиуми наведуваат дека информациите за пукањето доаѓаат во време кога Боливија веќе е зафатена од тензии. Поддржувачите на Моралес две недели ги блокираа клучните автопати, отежнувајќи го снабдувањето со храна и гориво во земјата и се судрија со безбедносните сили кои се обидуваа да ги отстранат барикадите.

Владата на Арсе во саботата го обвини Моралес за „дестабилизирање“ на земјата и обид за „нарушување на демократскиот поредок“.

Во соопштението на фракцијата на Боливиската Социјалистичка партија, која е поделена меѓу Моралес и Арсе, неговата поворка била нападната од заседа во близина на воена касарна и нападната од две возила во кои имало тешко вооружени мажи облечени во црно.

На снимка од видео, препратено до Ројтерс, се гледа трескавична брканица во која Моралес го менува својот автомобил, а неговиот возач е ранет. Агенцијата забележува дека не може од независни извори да ја потврди вистинитоста на содржината на видеото или тврдењата на Моралес и неговите сојузници.сд/