• Tuesday, 18 March 2025

Младите од Куманово оддаваат почит на загинатите врсници во Кочани

Младите од Куманово оддаваат почит на загинатите врсници во Кочани

Куманово, 17 март 2025 (МИА) - Ученици, средношколци, граѓани денеска на градскиот плоштад во Куманово запалија свеќи, донесоа цвеќе и напишаа пораки изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Кочани. 

Меѓу загинатите е и кумановецот Филип Стевановски, директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Роден во Куманово, Стевановски беше уметнички директор на „Џез фестивал“, продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистер по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“-Штип. Тој настапуваше во групата „ДНК“.

Кумановските средношколци со солзи во очите кажаа дека ова е последен поздрав за нивните врсници од Кочани.

-Немам зборови, тоа се наши идни факултетски колеги, колеги од работа, наши идни другари… Потресени сме, кажаа учениците. 

Тивко, без врева трпеливо чекаа да запалат свеќа за нивните врсници. Во позадина се вее знамето на половина копје. Дождливото време не ги спречи учениците да оддадат почит на нивните врсници. Дел од нив преку транспарентни ја искажаа својата тага, но и побараа и одговорност од надлежните институции за овој трагичен настан. Денеска и советниците запалија свеќи за трагично загинатите во Кочани. ам/мд/
 
Фото: МИА

You May Also Like