• Tuesday, 07 January 2025

Мицотакис: Грција денес е светилник на стабилноста во еден нестабилен свет 

Мицотакис: Грција денес е светилник на стабилноста во еден нестабилен свет 

Атина, 6 јануари 2025 (МИА) – Грција денес е светилник на стабилноста во еден нестабилен свет и земја која, и покрај тешкотиите, го отвора патот за напредок во една поопшта средина на стагнација, порача грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по учеството на прославата на денешниот празник Водици, јави дописничката на МИА од Атина.

Во кусата изјава Мицотакис рече дека денешниот празник е во сенка на смртта на поранешниот премиер Костас Симитис, но и на битката што ја води архиепископот на Албанија Анастасиос, кој е хоспитализиран во критична состојба, порачувајќи дека се молат за него, „како што тој секогаш се молеше за нас веќе многу децении“.

На геополитичката ситуација се осврна и министерот за одбрана на Грција, Никос Дендиас, кој за Водици беше на островот Хиос и посочи дека „во ова опкружување на нестабилност, земјата се стреми да остане столб на стабилноста и столб на мирот“.

Истакна дека „Грција со морето се чувствува безбедна и силна“ и се осврна на Договорите за одредување на ексклузивните економски зони што земјата ги има потпишано со Италија и Египет и за кои нагласи дека „Грција е правно зајакната и обезбедена“, но и дека земјата има „национална моќ и национална волја да ги спроведе овие договори на терен“.

-Овде сум да ве уверам во посветеноста на персоналот на вооружените сили во гарантирањето на суверенитетот и суверените права на целата територија, особено овде на нашите острови во источниот дел на Егејското Море, порача Дендиас.

И додека министерот за одбрана на Грција беше во близина на источната граница со Турција, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу присуствуваше на манифестациите за Водици во близина на границата со нашата земја, односно во Кукуш и на брегот на Дојранското езеро, од грчка страна. ср/рп/