• Thursday, 13 March 2025

Мицкоски: Шокиран сум од однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ

Мицкоски: Шокиран сум од однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ

Ресен, 12 март 2025 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски не сака да ги коментира мерките што ги изрече кривичниот Суд против осомничените за увоз на мазут со сомнителен квалитет, потсетувајќи на степенот на доверба во судството. Во изјава за медиумите дадена денеска во Ресен, Мицкоски рече дека  треба да се почека да заврши истрагата за да може да ги коментира сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети.

- За мене се алармантни информациите што ги добивам, а што се поврзани со однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата што ја спроведуваше Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму, ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди изградени во Западна Македонија. Доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна, рече Мицкоски.

За различните мерки изречени за двајцата првообвинети Ратко Капушевски и Асмир Јахоски денеска реагираа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Бојан Стојановски денеска изјави дека наместо најстроги мерки за обезбедување на присуство, судиите на, како што рече „СДС и ДУИ го пуштиле дома синот на пратеникот Јахоски, газда на Пуцко Петрол“.

-Кога СДС и ДУИ го штитат судството, всушност штитат криминал од 167 милиони евра, Асмир Пуцко Петрол наместо во притвор го оставија дома. Со години Македонија ја трујат со отровен, канцероген мазут, и за тоа се платени стотици милиони евра од буџетот преку разни тендери. Шемата во којашто се вмешани врвни функционери на СДС, како Васко Ковачевски кој е во бегство, синот на пратеникот Јахоски кој има бизнис мрежа која се протега до зетот на Али Ахмети е тешка 167 милиони евра. Оваа шема со години ја труеше Македонија, а тие испумпаа стотици милиони евра. Тоа што институциите го процесуирале до правосудните органи е веќе познато за целата јавност. Граѓаните знаат кој ги труел и притоа ги крадел. Само судиите на СДС и ДУИ ги штитат криминалците. Наместо најстроги мерки за обезбедување на присуство, судиите на СДС и ДУИ го пуштиле дома синот на пратеникот Јахоски, газда на Пуцко Петрол. Иако помеѓу осомничените има лица кои се во бегство, како Васко Ковачевски, судот верува дека останатите нема да бегаат. Со што се увери судот дека и другите осомничени, кои се имотни, нема да се впуштат во бегство? Кој ќе одговара ако уште некој од осомничените избега?, нагласи Стојановски.

Реагираа и од политичката партија „Левица“. Оттаму прашаа зошто за едниот и изречена мерка притвор, а за другиот куќен притвор кога двајцата се осомничени за истото дело. 

- „Капушевски оди во притвор, Пуцко Петрол во куќен притвор. Која е разликата помеѓу Капушевски и Пуцко Петрол, што обвинителот го преиначи барањето за притвор во куќен притвор?“ праша пратеничката Јована Мојсоска на социјалните мрежи.

Во акцијата беа приведени 11 лица, а судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вчера им определи мерка притвор во траење од 30 дена на бизнисменот Ратко Капушевски и на уште две лица, додека сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски доби „куќен притвор“.

- По прoизнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за  промена на  предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка, информираа вчера од Кривичниот суд

За останатите седум осомничени кои беа спроведени во Судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решение за определување на мерки за претпазливост.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Како што соопшти претходно Обвинителството, во периодот на 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10 304 324 094 денари или околу 167 549 985 евра. та/бак/

Фото: Принтскрин