• Thursday, 15 January 2026

Мицкоски: Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоците, а за техничката влада сме согласни да се укине

Мицкоски: Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоците, а за техничката влада сме согласни да се укине

Скопје, 14 јануари 2026 (МИА) - Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоците, а за техничката влада, генерално, сите се согласивме дека треба да замине во минатото, изјави премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната лидерска средба во Клубот на пратениците.

- Сите денеска присутни се согласивме. Имаше сугестија од еден од присутните да се направи консултација со меѓународната заедница. Но, генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност дека сами можеме да носиме зрели одлуки. За мене ова е зрела одлука. Сепак не е мој личен карактер, ниту начин на размислувања тоа да не биде консензуално во рамките на пратеничките групи одлука којашто ќе се донесе. Денеска видовте дека една коалиција отсуствуваше. Доколку таа коалиција не го прифати ова носење на измени во Законот за Влада со што би се избришала техничката влада за следните парламентарни избори. Тој закон се менува со просто мнозинство во парламентот, со 61 глас „за“. Сепак мојот предлог беше да не го правиме тоа на сила, без нивна согласност туку да донесеме измени на Законот, по следните избори тогаш да не важи техничката влада. Ако толку тие инсистираат да важи за овие избори техничката влада, еве измените да не ги опфатат следните парламентарните избори, туку тие што ќе следат по тоа, изјави Мицкоски. 

Според Мицкоски, ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на пржинската влада, таа да важи и за следните избори, па потоа да се укине.

- За да излеземе од ќорсокак, ние го прифаќаме и тој компромис. Ако СДСМ мислат дека е потребно за следните избори да има техничка влада, во ред. Но кој и да победи на следните избори, да нема повеќе техничка влада, рече Мицкоски. За да да се направи тоа, како што посочи, неопходни се одредени измени во законот. 

На лидерската средба за разговарало и за изборот на народниот правобранител, за изборниот законик, бројот на изборни единици, начинот на гласање на дијаспората, како и за економски прашања.

Мицкоски кажа и дека денеска не била отворена темата за предвремени парламентарни избори. Средбата ја оцени како отворена и конструктивна.

- Јавноста денеска беше сведок на еден поинаков пристап на решавање на отворени прашања, нешто што можеби изминативе 35 години државност не се случувало, а тоа е преку една плодна дискусија којашто во одредена мерка беше полна со предлози и идеи, голем дел од отворените прашања се отворија, за поголем дел од тие отворени прашања имаме исто мислење, имаме заеднички јазик, за дел нормално позициите ни се разликуваат. Но она коешто за мене е важно е дека преку една ваква дискусија во којашто сите чинители на оваа лидерска средба коишто беа присутни кажаа јавно дека истата била конструктивна, за мене како организатор и претседател на Владата преставува навистина задоволство затоа што македонската јавност, македонските граѓани во овој период на празници можеше да биде едно поинакво однесување од политичките чинители, едно зрело, конструктивно однесување коешто значи надминување на проблемите, а не создавање на проблеми - истакна Мицкоски.

Кажа дека предложил вакви средби да се случуваат почесто, а од сите ученици било прифатено и по неколку прашања за кои денеска станало збор, дискусијата да продолжи во рамките на Собранието, на ниво на координатори на пратенички групи. Вели дека е убеден оти за сите овие отворени прашања за коишто е потребна итност ќе се најде решение и ќе бидат надминати.

Мицкоски на лидерската средба, што се одржа по негова иницијатива, беше придружуван од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПНМНЕ, Никола Мицевски. На средбата од коалициските партнери во Владата присуствува генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами од коалицијата „Вреди“. Од опозициските пратенички групи присутни беа лидерите на Левицата и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети. 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој го одби повикот на Мицкоски, не дојде на средбата. мч/са/

Фото и видео: МИА