• Friday, 27 March 2026

Мицкоски: Инвестицијата од 22 милиона евра во нова трафостаница носи енергетска стабилност за Скопје

Мицкоски: Инвестицијата од 22 милиона евра во нова трафостаница носи енергетска стабилност за Скопје

Скопје, 27 март 2026 (МИА) Инвестицијата од 22 милиона евра во нова трафостаница носи енергетска стабилност и претставува значајно инвестициско дело и за градот Скопје, но и за државата, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

- Станува збор за инвестиција од речиси 22 милиона евра, нешто со што ќе се подобри стабилноста на системот, на мрежата, 110-киловолтно напонско ниво, и ќе отвори перспектива за следните 20-ина години да одговори на сите предизвици од енергетски аспект, приклучни места итн., кои ќе бидат потребни за развој на градот Скопје - вели Мицкоски на пуштањето во уппотреба на овој енергетски објект.

Притоа тој изрази очекување за нови инвестиции во енергетски капацитети.

-Јас би сакал да им се заблагодарам на колегите од Владата, на Министерството за транспорт, Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство, на ЕВН како компанија што инвестира во Македонија. Да им се заблагодарам на сите оние што беа дел од овој проект и да посакаме уште многу инвестиции во енергетиката, кои ќе бидат додадена вредност и кои ќе овозможат поголема стабилност на системот, поголем капацитет за прифаќање нови производни капацитети, имајќи предвид потребите кои во годините што ќе следуваат ќе бидат сè поголеми и поголеми, а ние како земја сакаме да бидеме енергетски хаб во регионот - изјави премиерот Мицкоски потенцирајќи го значењето на оваа инвестиција. вг/

Фото: Влада

You May Also Like