Мицкоски за пораката на Вајц: Треба да го забележи и напредокот според „Економист“, повеќе не сме хибриден режим
- На новинарско прашање дали смета дека ваквата порака од Вајц ќе влијае врз заклучоците во следниот извештај на Европската комисија за напредокот земјава, премиерот одговори: „дали ќе влијае е одлука на известувачот и на Комисијата“ и оти известувачот и ЕУ треба да го забележат и да го стават во својот извештај и напредокот за десет места на Индексот за демократија на „Економист“ за 2024 година и тоа што „повеќе не сме хибриден режим“.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 13:38, 14 March, 2025

Скопје, 14 март 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска не ја коментираше вчерашната пишана изјава за медиуми на известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, во која европратеникот оцени дека повикот од Владата да поднесат оставки членови на Судскиот совет е „притисок и загрижувачки знак за политичко мешање во судството“.
На новинарско прашање дали смета дека ваквата порака од Вајц ќе влијае врз заклучоците во следниот извештај на Европската комисија за напредокот земјава, премиерот одговори: „дали ќе влијае е одлука на известувачот и на Комисијата“ и оти известувачот и ЕУ треба да го забележат и да го стават во својот извештај и напредокот за десет места на Индексот за демократија на „Економист“ за 2024 година и тоа што „повеќе не сме хибриден режим“.
-Имавме со известувачот многу плоден и корисен состанок кога беше тука. Дали ќе влијае, тоа е одлука на известувачот и на Комисијата. Но, мене ме радува фактот што после многу години не сме повеќе хибриден режим според „Економист“. На 27 февруари излезе податок, чекав да видам да се пренесе, но очигледно се пренесуваат овие, а добрите вести не се пренесуваат, изјави Мицкоски по работната посета на Општина Ѓорче Петров.
Како што рече, Македонија напредува десет места на скалата „и сега веќе не сме хибриден режим“.
-Сега сме малку погоре, за разлика од другите земји од соседството коишто бележат опаѓање. Ајде да се радуваме на овој успех и да им кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим според „Економист“ туку дека сме ја унапредиле демократијата. Мислам дека тоа треба и самата Европска Унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот извештај, истакна премиерот.
Веста за напредокот тој претходно денеска ја соопшти на Фејсбук со порака дека „бележиме скок од 10 места на Индексот за демократија за 2024 година на листата на „Економист“, наоѓајќи се на 62 место на листата. Зад Македонија, напиша Мицкоски, се најдоа Србија, Албанија и БиХ.
-Во 2023-та и 2022-та Македонија се наоѓаше на 72-то место на листата на еминентниот „Економист“ во однос на Индексот на листата за демократија. Продолжуваме заедно да работиме и да ја нормализираме државата. Македонија ќе биде повторно ваша!, објави претседателот на Владата. хс/нд/
Фото: МИА