• Wednesday, 04 March 2026

Мицкоски до Реџепи: Канабис економската политика на преходната влада што ја поддржувавте е минато

Мицкоски до Реџепи: Канабис економската политика на преходната влада што ја поддржувавте е минато

Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Оваа Влада се обидува да најде начин да го задржи достоинството на македонските граѓани и да го придвижи евроинтеграцискиот процес напред, а за разлика од претходната влада, која водеше канабис економска политика, ги расчистува работите, десетици тони канабис веќе се запленети и се чекаат судските процеси - порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашања од независниот пратеник Скендер Реџепи. 

- Ќе му дадам одговор на пратеникот на двете теми што ги почна како пиар-трик за растурање пердуви, а тоа е дека Владата го блокирала евроинтегративниот пат и оти сме биле како европска Колумбија. Тоа не е точно. Сакам уште еднаш да го демантирам пред целата македонска јавност. Евроинтегративниот пат го блокира владата што вие ја поддржувавте во минатото, која го суспендира овој парламент, без да го праша, а презеде обврски што не можеше да ги испорача знаејќи дека за промена на Уставот потребни се две третини. И наместо да ги праша пратениците во овој парламент, вашите колеги, тоа не го направи и сега сме таму каде што сме. Оваа Влада се обидува да најде начин да го задржи достоинството на македонските граѓани и да го придвижи евроинтегративниот процес напред - рече Мицкоски на седницата за опозициски пратенички прашања. 

Премиерот оцени, пратеникот Реџепи честопати кога излегува на собраниската говорница се обидува да добие поени на националистички теми, но резултатите на локалните избори дале одговори дека таа политика не му се исплати.

Во однос на тврдењата од Реџепи дека државата е како европска Колумбија, Мицкоски оцени дека „канабис економска политика водела претходната влада, што ја поддржувал пратеникот“ и изрази надеж дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори во државата.

- Канабис-економијата е од претходната влада, што ја поддржувавте вие и со која сте во коалиција. Ние, напротив, се трудиме да расчистиме и десетици тони канабис веќе се запленети, тие се депонирани и се чекаат судските процеси. Повеќе од 20 лиценци веќе се одземени. Канабис економската политика, што ја водеше претходната влада, а која вие ја поддржувавте, е минато и се надевам дека никогаш повеќе во Македонија нема да се повтори - рече Мицкоски. 

Тој му порача на Реџепи дека му е погрешна тезата оти „некого мрази“ за што изнесе неколку примери со активностите што ги презеде Владата, како што се изградбата на автопатите на Коридорот 8, постапката за автопатот Скопје - Блаце, финансиската поддршка за сите општини. 

-  Оваа Влада засилено го работи Коридорот 8, односно автопатите (што ги гради „Бехтел и Енка“, а го почнавме од нула бидејќи претходната влада што вие ја поддржувавте имаше интерес само да ја добие авансната уплата на парите. И претпоставувам дека од таа авансна уплата, некои од парите завршуваат некаде, но тоа органите во судовите и во истрагата ќе си докажуваат. Тоа што го прави оваа Влада е да ги решава проблемите и да го гради автопатот и да може граѓаните да го користат многу бргу од денеска и ќе продолжиме и понатаму - наведе Мицкоски. 

Оваа Влада, дополни, вложи повеќе од половина милијарда евра во општините на еднаква основа, нешто што, вели, владата што вие ја поддржувавте и во која сте коалиција апсолутно не го направи, вклучувајќи ги и градоначалниците кои се од опозицијата, не само градоначалниците што се од Владата, вклучително и градоначалникот на Гостивар, Врапчиште и други. Оваа Влада ја заврши процедурата за автопатот Блаце - Скопје, ја заврши евалуацијата, чекаме одговор од банката, нешто што не го направивте повеќе од 20 години, односно владата, која, како што рече, вие ја поддржувавте и со која сте во коалиција.

- Оваа Влада ќе ви даде одговор и за правосудниот испит, што вие не успеавте да го решите како проблем, имајќи предвид дека претходната влада, на начин кој нема никаква врска со демократијата, донесе закон што во „Службен весник“ е објавен со потпис на заменик-генералниот секретар на парламентот - рече Мицкоски. 

Цитирајќи го членот 5, амандман 7 од Уставот за кој зборуваше пратеникот, премиерот наведе дека став 1 пропишува оти на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а став 2 - друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти или албанскиот исто така е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член. 

- Подолу од одредениот став се вели - во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик поинаков од македонскиот може да се користи во согласност со законот. Ако го читате Законот за јазиците, ќе дојдете до заклучок дека Законот за јазиците е лекс генералис и не може да нахсинхронизира лекс специјалис, како што е правосудниот испит. А вие сте требале кога сте го донеле Законот за јазиците да ги хармонизирате сите други закони ако сте сакале денес да вадите политички поени и да ги манипулирате студентите, кои се и мои студенти, и јас навистина сочувствувам со нив. А ние како Влада бараме начин и ќе го најдеме тој начин, тоа што вие не успеавте повеќе од 20 години - рече Мицкоски. лв/вг/

фото: МИА архива