Министерството за јавна администрација предлага пакет од четири закони со цел департизација и објективни процедури за вработување
- Министерството за јавна администрација предлага четири законски решенија со кои очекува департизација на јавната администрација, транспарентни и објективни процедури за вработување и усоласување на платите на административните работници со Општиот колективен договор. Станува збор за Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор.
Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Министерството за јавна администрација предлага четири законски решенија со кои очекува департизација на јавната администрација, транспарентни и објективни процедури за вработување и усоласување на платите на административните работници со Општиот колективен договор.
Станува збор за Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор.
Законот за инспекциски надзор во понеделник ќе биде ставен на ЕНЕР, а останатите три закони веќе се објавени на оваа платформа. Законите ќе бидат доставени на мислење и до Секретеријатот за законодавство, Министерството за финансии и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска на прес-конференција информираше дека од 1 март, платите на административните службеници ќе се зголемат за просечно осум проценти на бруто основа, како дел од усогласувањето со Општиот колективен договор.
- Ова е предлог од Министерството за јавна администрација, кое го одразува нашиот континуиран ангажман за подобрување на условите за работа на административните службеници и согласно овој предлог, во следниот период ќе следи усогласување. Ова усогласување е повеќе од финансиска мерка. Тоа е знак на почит на трудот кон сите кои се дел од јавната аадминистрација и нивниот придонес во обезбедување квалитетну услуги за граѓаните, рече Минчев.
Како што напомена, клучната придобивка од предложените закони е департизација на јавната администрација. Појасни дека ќе се стави крај на практиките на политичко влијание врз вработувањето и функционирањето на институциите, а вработувањата ќе се темелат исклучиво на заслуги, компетенции и професионалност.
Исто така, додаде дека ќе има транспарентни и објективни процедури за вработување. Секој оглас ќе биде јавно достапен, објавен централизирано на веб-страницата на Агенцијата за администрација, а изборот на кандидати ќе се врши низ фер, конкурентен и триделен процес кој е составен од проверка на документи, тестирање и интервју.
-Со новиот Закон за стручно усовршување воспоставуваме централизирана Академија за администрација, која ќе обезбедува континуирана обука за сите државни и јавни службеници. Оваа реформа ќе создаде администрација која не само што ги исполнува потребите на денешницата, туку се подготвува и за предизвиците на иднината, рече Минчев.
Новите предлог законски решенија, како што рече, вклучуваат и рационализација и заштеда на буџетските средства.
- Со новиот Предлог закон за инспекциски надзор, го покажуваме нашиот сериозен пристап кон реформите што ги ветивме пред граѓаните. Од пилот проект, како што беше најавен, овој закон станува вистинска промена која носи конкретни придобивки и сериозна реорганизација на органите од државната управа, односно иницираме намалување на трошоците, зајакнување на институциите и поголема ефикасност на службите. Со тоа, ја зацврстуваме нашата заложба за доверба во институциите и ја истакнуваме силната визија за модерна, непартиска администрација, исклучиво во служба на граѓаните, додаде Минчев.
Тој појасни дека ќе се укине постоењето на Инспекцискиот совет како правен субјект и ќе се потврди заложбата на оваа Влада за намалување на дел од функционерските позиции.
- Со ова обезбедуваме заштеда од 255 илјада евра годишно, директно во државниот буџет и ги зајакнуваме капацитетите на Министерството за јавна администрација преку интегрирање на вработените од Инспекцискиот совет во рамки на нашето Министерство, со што испраќаме јасна порака - јавната администрација е тука за граѓаните, не за партиските интереси, додаде министерот.
Со новите предлог законски решенија, според најавите, ќе се следи учинокот и ќе има објективно унапредување.
Агенцијата за администрација преминува во надлежност на Министерството за јавна администрација. Како што појасни Минчев, Агенцијата ќе служи како централизиран сервис и за сите огласи за вработување и ќе спроведува проверка на уредност на пријава и докази, а понатаму самите институции кои вработуваат, ќе спроведуваат практична проверка на знаења и компетенции и спроведување на интервју.
Процесот на изработка на овие законски решенија, како што посочи Минчев, бил инклузивен и транспарентен со организирање на четири јавни дебати и вклученост на експерти, граѓански здруженија, синдикати, локална самоуправа, академската заедница, граѓани....
На новинарско прашање дали ќе има префрлување на јавни админстративци во приватниот сектор, со оглед на преголемата вработеност, Минчев одговори дека има дефицит на луѓе кои конкурираат во јавната администрација, затоа што платите се навистина мали.
- Не можете да вработите ИТ инжинер во јавната администрација и да му кажете дека почетна плата ќе му биде 450 или 500 евра, кога истиот тој работејќи од дома, зема 1.500 или 2000 евра плата. Се повеќе и повеќе е тој дефицит кој што се јавува во рамки на јавната администрација за одредени позиции, што значи општеството се менува. Конкретно, никој не е „венчан“ за јавната администрација. Новите законски решенија предвидуваат формирање на Академија за едукација на вработените во јавниот сектор. Тоа е еден нов орган што предвидува соработка и потпишување и меморандуми со универзитетите, од кои што би требало да се црпи кадар кој што би доаѓал на пракса. Тоа може да биде мотив плус, да се вработи во јавната администрација токму на дефицитарните позиции, рече Минчев. бт/бак/
Фото: МИА