• Thursday, 09 April 2026
Милиброд

Милибродот, познат и како козињак, е традиционално слатко печиво со меко и мирисно тесто, збогатено со суво грозје. Најчесто се подготвува за празници, но е одличен избор и за појадок или ужинка со чаша млеко, кафе или чај.

Состојки:

  • 600 грама брашно
  • 1 свеж квасец
  • 125 мл млеко
  • 2 јајца
  • 125 грама шеќер
  • 125 мл зејтин
  • 1 ванили шеќер
  • 1 портокал
  • 1 лажичка махлеп
  • 100 грама суво грозје

Подготовка:
Портокалот убаво се мие, кората се ренда а, сокот од портокалот се меша со 100 мл врела вода и со оваа течност се попарува сувото грозје околу 1 час пред замесувањето.

Квасецот се става да стаса во млако млеко. Откако ќе нарасне, се замесува тесто со брашното, шеќерот, зејтинот, ванилата и 1 јаце. Откако ќе се оформи тестото се додава ренданата кора од портокал и махлеп. Тестото се остава да нарасне, потоа повторно се премесува му се додава сувото грозје исцедено и суво, па се остава уште еднаш да стаса.

Нараснатото тесто се дели на 2 дела. Секој дел се дели на уште 3 делови, од кои се прават долгнавести теста. Од секои три се плете плетенка, со што се добиваат 2 плетенки. Плетенките се редат во подмачкан плех, се премачкуваат со преостанатото јајце и се оставаат повторно да стасаат.

Се печат во загреана рерна на 180°C околу 30 минути, а потоа температурата се намалува на 150°C и се печат уште околу 10 минути.
По потреба, се покриваат со хартија за печење за да не изгорат одозгора.

Милибродот одличен е за послужување со млеко, кафе или чај, како и за училишна ужинка.

Фор: Фрипик