• Friday, 19 July 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

   19 јули 2024

 

Скопје - Снабдувањето со електрична енергија во оние делови од Скопје кои повеќе од 10 часа немаат струја, се очекува да се нормализира за околу еден час, велат од ЕВН Македонија за МИА. Оттаму посочуваат дека во тек е постапка за пуштање под напон на корисниците кои немаат струја. - Екипите на Електродистрибуција и МЕПСО напорно работеа цела ноќ за да го поправат дефектот кој настана како резултат на вчерашното силно невреме кое го зафати Скопје. Во тек е постапка за пуштање под напон на корисниците кои се засегнати од прекинот, а снабдувањето се очекува да се нормализира за околу еден час. ЕВН Македонија изразува голема благодарност до МЕПСО и ЕЛНОС Скопје за несебичниот ангажман и дадената поддршка во вакви кризни и итни состојби, велат од ЕВН Македонија.

Скопје - Повеќе од 10 часа делови од Скопје се без струја по вчерашното невреме проследено со дожд, силен ветер и град.  Од ЕВН контакт центарот информираат дека нивни екипи се на терен и работат на отстранување на дефектот. Според информациите објавени синоќа причина за прекинот во снабдувањето со електрична енергија се два 110-киловолтни далекуводи кои ги снабдуваат трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“. Краткотрајното невреме што синоќа зафати делови од главниот град предизвика повеќе штети - паднати дрвја, оштетени автомобили, кровови, поплавени домови.... До Центарот за управување со кризи биле пристигнати пријави за 35 паднати дрвја, 15 бандери, 21 оштетен кров, 10 поплавени домови и две оштетени возила. Повеќе информации од ЦУК најавуваат во текот на денешниот ден.

Скопје - Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК), изминатото деноноќие бележи рекорден број повици од своето постоење. Евидентирани се вкупно 3.159 повици, а од нив, како реални биле категоризирани 59.32 отсто, соопштија утрово од ЦУК. - Кон полицијата биле упатени 40,51 отсто, кон Итната медицинска помош - 17,61 процент, a кон пожарникарите - 15,21 отсто од реалните повици, се наведува во соопштението.

Скопје - Центарот за управување со кризи информира дека има активни 13 пожари, од вкупно 28-те пожари на отворено во последното деноноќие. Пожари има меѓу селата Јаболчишта и Дреново во општина Чашка, кај селото Калањево во општина Велес, кај селата Сирково и Подлест во општина Росоман, кај местото викано Бегово Поле во општина Студеничани,  (нискостеблеста шума и ниска вегетација), меѓу селата Драгоево и Селце, с.Пухче и с. Пиперово во општина Штип, кај селото Габровник во општина Чашка, село Слатина во општина Македонски Брод, кај селото Гајринци во општина Пробиштип, кај селото Подлес во општина Чашка, кај месноста Смолево во општина Битола, село Небрегово општина Прилеп и Долнени и кај Пепелиште кај општина Штип. 

Скопје - Заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски остварил работна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, на која се разговарало за актуелните состојби меѓу двете земји, а акцентот бил ставен на економската соработка и инвестициите, вклучувајќи ги и одностите на сојузништвото во НАТО алијансата. Како што денеска соопштија од Министерството за транспорт и врски, на средбата министерот Николоски информирал и за капиталните проекти што се реализираат во инфраструктурата.

Скопје - Во Собранието денеска Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да ја продолжи третата седница. Според дневниот ред поставен на собраниската веб-страна, преостаната е една точка за расправа - Предлог - одлука за основање на пратенички групи и избори на претседатели и членови на пратеничкит групи за соработка со парламентите на други држави.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски денеска ќе потпишат меморандум за соработка. Како што најавија од Министерството, Андоновски и Костадиновски ќе извршат увид на локацијата каде е предвидено отварање на административна канцеларија за „Една точка за услуги” (ЕТУ) во Општина Јегуновце. 

Скопје - На планината Серта утрово е замаглено и не може да се види дали, каде и колку гори пожарот, кој избувна минатата среда, вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов кој е таму, најавувајќи информации за подоцна. Во Штип утрово нема чад, за разлика од вчера кога поради густиот чад, Кризниот штаб доцна синоќа ги повика граѓаните да избегнуваат присуство на отворено подолго време, односно да останат во своите домови. Пожарот се доближи на неколку километри над селата Селце, Драгоево и Пиперово.

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот, при што на територија на град Скопје изречени се вкупно 158 мерки, меѓу кои 12 за возење без возачка дозвола и 36 за прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли. Како што соопшти МВР, изречени се и шест санкции за користење мобилен телефон при возење, седум мерки за минување на затворен сигнал - црвено светло.

Скопје - Во рамки на 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ денеска ќе биде промовирана книгата „Балкански вознеси“ од Васил Тоциновски. Промотори ќе бидат проф. д-р Васил Дрвошанов и м-р Сашо Огненовски. - Книгата „Балкански вознеси“, во издание на „Академска мисла“ Скопје, претставува своевидно освежување. Во ова заитано и превртено време на конфликти, недоразбирања, разградувања и непочитување ги проследува, толкува и вреднува заедничките нешта кои ги зближуваат и творечки ги обединуваат балканските литерaтури, соопштија од Дирекцијата за култура и уметност во Скопје.

Скопје - „Скопје вибрира“ - поп ап изложба на дизајн и визуелни уметности, ќе се одржи во главниот град на државава од 23 јули до почетокот на август. Како што денеска информираат „Лабораториум“ и „Лаб дизајн маркет“, во изложбата ќе учествуваат млади и досега релативно непознати имиња во сферата на дизајнот, рачните изработки и визуелните ументости, за кои градот Скопје има битно значење и е тема и инспирација во нивната работа. Настанот ќе им даде можност за презентација на новите таленти и ќе даде увид во тоа што значи градот Скопје за една генерација креативци која го почнуваат нивниот професионален пат во полето на креативните индустрии, современата уметност и перформативните уметности.

Белград – Германскиот канцелар Олаф Шолц синоќа пристигна во посета на Белград, а на аеродромот „Никола Тесла“ го пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Вучиќ, по пречекот на Шолц на Инстаграм напича дека „утре е голем ден во кој ќе ја разгледаме иднината на Србија и отворањето нови можности за нашата земја и народ“. Вучиќ претходно вчера се сретна со Шолц на отворањето на четвртиот Самит на Европската политичка заедница во Лондон. Тој најави дека денеска во Белград ќе има билатерална средба со Шолц и оти ќе разговараат и за европскиот пат на Србија, политичките односи, развојот на економијата, а со ЕУ ќе биде потпишан и меморандум за разбирање во врска со минерални суровини.

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „во следните недели или месеци“ има намера да ја посети Србија, каде што планира да ги финализира преговорите за воените договори, вклучително и договорот за продажба на авиони Рафал на Белград. Како што пренесе Политика, Макрон рече дека имал „исклучително плоден“ разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ за „економски, одбранбени и енергетски прашања“ на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Велика Британија.

Париз - Јаел Браун-Пиве синоќа беше реизбрана за претседателка на францускиот парламент, иако левичарската коалиција Нов народен фронт освои најмногу гласови на неодамнешните вонредни парламентарни избори. Таборот на францускиот претседател Емануел Макрон го загуби мнозинството во парламентот по ненадејната одлука за распуштање на телото пред Олимпијадата, по што следуваа парламентарни избори кои го поделија Долниот дом на три блока, далеку од апсолутно мнозинство.

Тел Авив – Едно лице загина, а осуммина се повредени по силна експлозија во близина на филијала на американската амбасада во Тел Авив рано утрово, соопшти израелската спасувачка служба Маген Давид Адом. Повредените се пренесени во болница, информира спасувачката служба Маген Давид Адом на Х.

Сантјаго – Земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала синоќа го погоди северниот дел на Чиле, во близина на границата со Аргентина, а засега нема извештаи за повредени или поголема материјална штета, соопшти Американскиот геолошки институт. Во соопштението се наведува дека епицентарот на земјотресот бил на 45 километри југоисточно од градот Сан Педро де Атакама, на длабочина од 117 километри. Не е издадено предупредување за цунами.

Милвоки – Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и официјално ја прифати номинацијата за кандидат на претседателските избори на конвенцијата на Републиканската партија, нагласувајќи дека се кандидира да биде претседател на цела Америка, а не само на половина од земјата. Трамп, кој носеше бел завој на десното уво, во говорот на конвенцијата во Милвоки истакна дека нема победа ако се освои само половина Америка.

Вашингтон - Конзервативниот американски политички коментатор и гласен поддржувач на Доналд Трамп, Лу Добс, почина на 78-годишна возраст, се вели во соопштение објавено синоќа од неговиот тим на Х. Од 1980 година наваму Добс има работено за двете главни американски телевизии „Си-ен-ен“ и „Фокс“, а водел и подкаст „Големото шоу Америка“ (The Great America Show). Зад себе ги остави сопругата Деби, децата и внуците.

Лос Анџелес - Вкупната заработка на конгломератот за стрим-услуги Нетфликс во второто тримесечје забележа раст којшто ги надмина проценките на „Волстрит“, според новиот извештај на компанијата. Така, долната линија на стрим-платформата достигна 2,15 милијарди долари или 4,88 долари по акција. Ова се споредува со 1,49 милијарди долари, или 3,29 долари по акција, за истиот период лани. Приходите на компанијата за тримесечјето се зголемија за 16,7 отсто - на 9,56 милијарди долари од 8,19 милијарди долари минатата година.