• Wednesday, 16 October 2024
МИА Радио флеш

16 октомври 2024

Скопје - Со испитување на сведоци на предлог на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На денешното рочиште ќе бидат испитувани сведоците Музафер Калишиќ и Ристе Самарџиев.

На минатото рочиште во понеделникот сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. 

Мајката на убиената Вања Ѓорчевска изјави дека не ги познава обвинетите за убиството на нејзината ќерка. На расправата таа сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и потрагата по неа.

Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека го нема Жежовски, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.

Охрид – Полицијата ги известува граѓаните на Охрид дека во врска со симулациската вежба на припадниците на МВР закажана за утре, заради изведување подготвителни активности денеска од 10 до 14 часот за движење ќе биде затворена пешачката патека од мостот кај каналот „Студенчишта“.

На посочениот простор забрана за движење ќе има и утре, на денот на изведување на показната симулациска вежба, во периодот од 10 до 13 часот.

Активности поврзани со симулациската вежба, ќе се изведуваат и на одредени точки во водите на Охридското Езеро поради што Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ во соработка со Капетанија на пристаништа, од 5 до 13 часот ќе вршат ограничување на внатрешната пловидба на дел од пловниот пат од каналот „Студенчишта“ до комплексот „Инекс“.

Скопје - Земјотрес со епицентар во подрачјето на Демир Капија, со Рихтерова локална магнитуда 2.2, е регистриран вчера во 18.35 часот, соопшти денеска Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

-Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението на Демир Капија и околината, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.

Скопје - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и претседателот на Здружението на правници, Горан Коевски потпишаа Меморандум за соработка. 

Со потпишувањето на Меморандумот, како што информираат од Уставниот суд,  ќе се интензивира соработката помеѓу судиите, советниците и членовите на Здружението преку организирање на едукативни работилници за размена на информации за правото на ЕУ и други меѓународни организации чија улога е клучна во градењето на механизмите на заштита на човековите слободи и права. 

-Оваа соработка се реализира во период кога Уставниот суд одбележува значаен јубилеј, 60 години од основање и крајната цел е унапредувањето на уставно-правната култура во нашата држава и Судот ги отвора вратите за соработка и со струката, со правниците, рече  Костадиновски.  

Скопје - Централноевропската програма за размена  во областа на  универзитетски студии (CEEPUS-Central European  Exchange Program for University Studies)  објави јавен повик за партиципација на високообразовните установи во CEEPUS-мрежите за академската 2025/2026 година.

Република Северна Македонија како потписник на Договорот меѓу Албанија, Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Молдавија, Романија, Србија, Словачка, Словенија  и Косово за промовирање на соработката во областа на високото образование во рамките на Централноевропската програма за размена во областа на универзитетските студии (CEEPUS IV - Central European Exchange Program for University Studies), им овозможува на високообразовните институции да партиципираат, како координатори или партнери во универзитетските мрежи од различни области.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со генералната секретарка Марина Димовска, од денеска до 18 октомври ќе остварат работна посета на Берлин.

Собраниската прес-служба најави дека посетата примарно се организира заради разгледување на можностите за продолжување на веќе воспоставената соработка меѓу двата парламента, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка и проширување на можностите за соработка во други области од заемен интерес.

Скопје - Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков од денес е во работна посета на Брисел.

Трајков, како што соопшти Министерството за европски прашања, ќе има средба со високи претставници на европската администрација како Валентина Суперти, директорка на Директоратот за соседство и пристапни преговори, Берта Л. Доменеч од Центарот за европски политики задолжена за политиката на проширување и Западен Балкан, европратениците Марион Валсман и Карло Реслер, Сигрид Бретел, раководителка на одделението за Македонија и Албанија во Директоратот за соседство и пристапни преговори на ЕУ како и претставници на Регионалниот совет за соработка (РСС). 

Скопје - Во Штип доцна синоќа во 23:35 часот полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода В.С.(41) од Штип.

При претрес во неговиот дом, извршен со наредба на Основниот суд Штип, како што соопшти денеска МВР, биле пронајдени и одземени повеќе различни пакувања со марихуана, дигитална вага и дробилка со остатоци од марихуана, пари и таблети.

Скопје - Како дел од активностите за одбележување на Денот на ОН (24 октомври 2024 година), семејството на ОН организира предизвик кој промовира едноставни, влијателни, секојдневни акции за заштита на планетата и луѓето.

Семејството на Обединетите нации (ОН) во Северна Македонија ги поканува сите граѓани да се приклучат на специјалниот седумдневен предизвик за одржлив живот чија цел е да се подигне свеста за итната потреба за поголема одржливост, преку практични и едноставни акции.

„Со воведување мали, свесни, влијателни акции во нивниот секојдневен живот, секој може да придонесе за создавање на поодржлива иднина, за нас и за идните генерации“, вели Рита Колумбиа, постојан координатор на ОН во Северна Македонија. „Од витално значење е сите да разберат дека без разлика колку мали може да изгледаат некои промени, тие можат да имаат огромно влијание, доколку сите почнат да ги прават“.

Атина – Речиси седум од десет Грци, односно 67 отсто сметаа дека „сигурно“ или „веројатно“ во земјата постои прекумерен туризам, согласно истражувањето на јавното мислење презентирано на конференцијата за туризам „Reimagine Tourism in Greece“ организирана од весникот „Катимерини“, додека пак грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочува дека „Грција нема проблем со прекумерен туризам“, јави дописничката на МИА од Атина.

На прашањето „Дали постои прекумерен туризам во Грција“, 29 отсто од анкетираните одговориле „сигурно“, 38 проценти рекле „веројатно да“, 20 отсто сметаат дека „веројатно не“, а само шест проценти се сигурни дека „не постои“.

Атина – Продолжување на неформалните средби, но во проширен состав, како и средба на Кипар на двајцата лидери за да ја разгледаат можноста за отворање нови премини, меѓу другото се согласиле претседателот на Кипар Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар на синоќешната неформална вечера во Њујорк, организирана од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на генералниот секретар соопштија дека Гутереш „ги охрабри лидерите да размислат како да го премостат јазот во нивните позиции и повторно да ја изградат довербата за да овозможат движење што ќе доведе до решение“.

Атина – Во морскиот дел јужно од малиот грчки остров Гавдос потона чамец со мигранти, а со помош на товарен брод што бил во близина, спасени се 96 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција информираа дека во тек е спасувачка акција со два патролни брода, шест брода што се во близина и хеликоптер на воената морнарица за евентуално пронаоѓање на исчезнати лица.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека според нивните информации, околу десет лица се исчезнати во морето.

Ова е втора несреќа со мигранти за помалку од 12 часа во Грција, откако вчера, како што објави МИА, четири лица, меѓу кои и две деца загинаа откако се преврте глисер во морскиот дел во близина на грчкиот остров Кос.

Сараево - Сараевската полиција денеска потврди апсење на двајца малолетници кои упатиле закани со бомби во училиштата, а за ова претходно е приведен уште еден малолетник, но заканите со бомби продолжуваат да пристигнуваат, што ја отежнува наставата, а родителите на учениците бараат поодлучни мерки на заштита.

Како што соопштија денеска од МУП на Сараевската жупанија, малолетниците се осомничени дека вчера и претходно лажно пријавиле постоење на експлозивни направи во средни училишта и други објекти во кантонот Сараево.

-Мешовит тим составен од полициски службеници од Полициската управа на Министерството за внатрешни работи, експерти за кибер безбедност од Федералната полициска управа и кои дејствуваат под надзор на окружното обвинителство продолжува интензивно да работи на овие случаи, соопшти полицијата, додавајќи дека им помага и Разузнавачката служба во идентификувањето на лицата кои испраќаат закани - Агенција за безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).

Тирана - Бродот на италијанската морнарица „Либра“ денеска се закотви во албанското пристаниште Шеѓин за да ја донесе првата група од 16 мигранти пресретнати во меѓународните води. 

Бродот го напушти пристаништето Лампедуза во понеделникот со 16 мажи - десет од Бангладеш и шест од Египет - кои беа спасени на море откако испловија од Либија, соопштија италијанските власти. 

Минатата недела Италија официјално отвори два центри во Албанија, каде што планира да обработи илјадници баратели на азил надвор од нејзините граници. 

Лондон - Поранешниот шеф на британската армија, генерал сер Мајкл Џексон, почина на 80-годишна возраст, потврди британската армија на мрежата Х.

Џексон беше првиот командант на КФОР и потписник на Кумановскиот договор.

Во 1999 година, генералот Мајкл Џексон го потпиша Кумановскиот договор, со кој по 78 дена заврши бомбардирањето на Сојузна Република Југославија (СРЈ) и го означи почетокот на операцијата за формирање на мисијата КФОР во АП Косово и Метохија, која ја водеше како прв командант, јави Би-Би-Си.

Брисел - Глобалните предизвици, економската и енергетската соработка, климатската акција и меѓусебното поврзување се дел од темите на дневниот ред на Првата средба на лидерите на земјите на Европската Унија и на Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), што ќе се одржи попладнево во Брисел. 

Како што соопшти Европскиот совет, Самитот е можност ЕУ да развие поблиско партнерство со ГЦЦ и неговите земји членки - Бахреин, Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Оман и Саудиска Арабија, кои се геостратешки партнери на Унијата во ова време на предизвикувачки геополитички околности. 

Со Првиот самит ЕУ-ГЦЦ ќе копретседаваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседавачот на ГЦЦ, катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани. 

Киев - Украина бара покана за членство во НАТО пред  Џо Бајден да ја напушти Белата куќа, изјави висока украинска дипломатка, додавајќи дека тоа би било соодветно наследство за американскиот претседател.

- Нашата идеја е дека поканата за Украина во овој момент е политички сигнал, изјави за Ројтерс Наталија Галибаренко, амбасадорка на Киев при НАТО, пренесува Хина. - Искрено веруваме дека ова може да биде дел од наследството на (актуелната) американската администрација, рече таа во интервјуто во украинската мисија во НАТО, спроти седиштето на алијансата во Брисел.

Киев - Украинските власти денеска наредија евакуација на градот Купјанск и три други локалитети во североисточниот регион Харков, бидејќи руските сили се приближуваат кон клучниот град, а властите се соочуваат со потешкотии во обезбедувањето резерви за текот на зимата.

Покрај Купјанск, железнички центар лоциран на реката Оскил, наредена е евакуација и за Борова на југ, во близина на градот Изум, уште еден голем логистички центар.

Купјанск беше заземен од руските сили на почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, но беше повторно преземен од украинските сили подоцна истата година.

Гувернерот на регионот Харков, Олех Синјехубов, на националната телевизија изјави дека евакуацијата е задолжителна.

Киев - Командантот на украинските вооружени сили, генералот Олександр Сирски, по телефонскиот разговор со британскиот министер за одбрана Тони Радакин изјави дека Велика Британија работи на сопствени предлози за спроведување на украинскиот „план за победа“.

-Британската страна во моментов работи на сопствени предлози како дел од практичното спроведување на „планот за победа“, рече Сирски.

Рејкјавик - По распадот на владејачката коалиција, Исланд ќе одржи предвремени парламентарни избори на 30 ноември. Претседателката Хала Томасдотир го прифати предлогот на премиерот Бјарни Бенедиктсон за распуштање на парламентот, објави исландската телевизија RUV. Таа, исто така, се согласи на барањето на Бенедиктсон да се повлече од премиерската функција.

Преодната влада ќе функционира додека не се состави нова. Претходната коалиција се состоеше од либерално-конзервативната Партија на независноста, Прогресивната партија и Лево-зеленото движење, чија улога во преодната влада сè уште е неизвесна.

Газа - Во северниот дел на Газа денеска пристигна хуманитарна помош, првпат по две недели, откако Соединетите Американски Држави испратија писмо до Израел, во кое бараат да го зголеми пристапот до помошта во Газа или ризикува да не ја добие американската воена помош во целост.

Околу 28 камиони со брашно и еден камион со гориво влегле преку главниот северен премин, изјави претставник на ОН.

Вчера на преминот беа испратени 30 камиони, но натоварени се само 12 камиони со помош поради доцнење на трасата.

Техеран – Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, телефонски разговараше со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во услови на високи тензии во регионот, при што иранскиот министер предупреди дека Иран ќе одговори одлучно на секој израелски напад, пренесуваат француските медиуми.

„Иран прави значителни напори за заштита на мирот и безбедноста во регионот, но е целосно подготвен да одговори одлучно на какви било испади на Израел и да го натера да зажали“, се наведува во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи, објавено денеска.

Бејрут – Израелската армија рано утринава изведе два воздушни напади во шиитски кварт на југот на Бејрут, само неколку минути откако издаде наредба за евакуација на секторот, може да се види од слики кои ги пренесе АФПТВ.

„Вие сте блиску до инсталации и интереси поврзани со Хезболах, против кои наскоро ќе дејствува израелската армија“, предупреди претходно израелската армија во соопштението.

Портпаролот на ИДФ на арапски јазик, Авичај Адрае, во 6.09 часот преку мрежата Х ги предупреди цивилите во областа Дахија - за која се верува дека е упориште на Хезболах - дека воздушните сили ќе гаѓаат зграда.

Вашингтон - Предизборниот митинг на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во предградие на Филаделфија, беше прекинат откако две лица побараа лекарска помош. Но, по инцидентот, поранешниот претседател престана да одговара на прашања и ја презеде улогата на диџеј и нарачуваше песни и танцуваше.

Според неговите соработници, сцената потсетувала на приемите во Мар-а-Лаго. Модератор на настанот беше гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем, која забележа дека во салата е премногу топло, по што Трамп праша дали климатизерите работат, пренесе Гласот на Америка.

Пекинг - Кина нема да вети дека ќе се откаже од употребата на сила против Тајван, туку тоа се однесува на надворешно мешање и мало малцинство сепаратисти, соопшти денеска канцеларијата на кинеската влада за Тајван по последните воени вежби околу тој остров.

Кина, која тврди дека Тајван е нејзина територија, во понеделникот организираше големи воени вежби околу островот за кои рече дека се предупредување против „сепаратистичките акции“ по минатонеделниот говор на тајванскиот претседател Лаи Чинг-те по повод националниот ден.

„Ние сме подготвени да се стремиме кон перспектива за мирно обединување со најголема искреност и напори“, рече Чен Бинхуа, портпарол на кинеската Канцеларија за работи на Тајван, на редовниот брифинг со новинарите во Пекинг.