• Sunday, 21 December 2025
МИА Радио фкеш

25 октомври 2023

- Од април има реален раст на платите. Ефектите од кризите не ги чувствуваат само нашите граѓани, туку се чувствуваат и во Европа и светот. Предизвиците и понатаму остануваат бидејќи има геополитички движења кои влијаат и врз пазарите, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. Одговарајќи на новинарски прашања, Бесими рече дека од април платите не растат само номинално, туку реално затоа што инфлацијата се намалува. Она што е поважно, според Бесими, не е само платите реално да растат, туку реалниот раст на платите да биде одржлив.

- Двајцата повредени при вчерашното пукање во скопскиот трговски центар „Ист гејт мол“, се релативно стабилни, но нивната состојба се следи будно. Информацијата за МИА ја потврдија директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи. Арсенков во изјава за МИА рече дека едниот пациент е во релативно стабилна состојба, сѐ уште е на апарати, утре ќе следува нова интервенција, поради карактерот на повредите, примарни настанати, мора да се направи уште една операција.

- Министерот за здравство Фатмир Меџити заедно со колеги и делегатите на високо ниво од 53. земји-членки на Европскиот регион на СЗО, како и претставници на партнерските организации и граѓанското општество, имаат средба во Астана, Казахстан, што се одржува од 24 до 26 октомври на 73. сесија на Регионалната комитет на СЗО за Европа (RC73), соопштија од Министерството за здравство. Во своето обраќање, доктор Ханс Клуге, директорот на СЗО за Европа, ја посочил Северна Македонија како успешен пример за унапредување на примарната здравствена заштита.

- Во организација на Македонското здружение за обновливи извори на енергија МАРЕС денеска се одржува конференција насловена „За зелена иднина – насоки за транзиција кон обновливи извори на енергија". Енергетскиот сектор е еден од најзначителните сектори и е приоритет на Владата, истакна на отворањето на настанот министерот за економија, Крешник Бехтеши.

- Утрово во 8.25 часот на бројот 112 лице вработено во Национален Парк „Шар Планина" пријавило дека на локалниот пат кон село Вејце, на околу еден километар пред селото, има загинато мече кое најверојатно настрадало во сообраќајна несреќа од непознат сторител. Како што информираа од ЦУК, екипа на МВР извршила увид на местото на несреќата, а телото на мечето е предадено на Агенцијата за храна и ветеринарство за дополнителни анализи. 

- Ловечкото друштво „Стогово-2“, во кое членуваат ловци од општините Дебар и Центар Жупа, денеска упати апел до жителите на двете општини да бидат многу внимателни, поради присуството на мечки во близина на населените места. Апелираат до сите жители на Дебар и Центар Жупа, да бидат многу внимателни, особено оние кои одат на берба на костени, ореви или собираат печурки, да не се движат сами и да изберат безбедна патека на движење покрај нивните земјоделски површини или доколку се движат во шуми. 

- Здружението на пациенти „Ретко е да си редок“ од Охрид поддржано од Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ и стручниот лекарски колегиум и ова лето го минаа работно, изготвувајќи ја програмата за шестата сезона од Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“. И наредниот февруари, месецот со најмалку денови во годината иј е редок со своите 28 или 29 дена, ќе бидат презентирани ретки болести, овојпат со дијагнози на ретки болести со кои се соочува и живеат пациенти од охридско-струшкиот регион.

 - Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во случајот „Мемедова и другите против Северна Македонија“ и утврди дека на четири лица, граѓани на С. Македонија, припадници на ромската етничка заедница, им било повредено правото на слобода на движење и забраната за дискриминација од страна на граничните служби, информираа денеска од Македонското здружение на млади правници (МЗМП). Овие четири лица беа жртви на незаконската пракса која ја применуваше МВР во период од 2011 до 2016 со која на лицата од ромската етничка заедница, им беше честопати забранет излез од државата, без законска основа и честопати на начин со кои се повредува нивното човеково достоинство, се наведува во соопштението.

 - Граѓанска иницијатива Шанса за Центар само во Скопје мапираше над 100 јавни објекти - болници, градинки, училишта, касарни, судови… и други установи кои користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење. По скопското мапирање, извршено е обележување и низ цела Македонија и утврдени се близу 700 такви објекти. 

- Враќањето на мировниот процес на Блискиот Исток е единствениот пат напред, рече претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во писмо до шефовите на држави и влади на ЕУ пред нивниот дводневен состанок во Брисел оваа недела. Тој ги опиша настаните на Блискиот Исток како трагедија, но инсистираше на тоа дека тие не треба да го одвлечат вниманието на ЕУ да продолжи да ја поддржува Украина.

 - Хасан Насралах, лидерот на Хезболах, милитантна исламистичка организација која дејствува во Либан, во Бејрут се сретна со највисоките претставници на Хамас и на палестинскиот Исламски џихад. Насралах се сретнал со заменик-шефот на Хамас, Салех ал-Арури и со лидерот на Исламскиот џихад, Зијад Нахалех, пишува Тајмс оф Израел.

- Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич соопшти дека буџетот на земјата за 2023-2024 година „повеќе не е соодветен“ поради војната во Газа и дека ќе биде променет, пренесоа британските медиуми. Според Смотрич, дневните трошоци за војната на Израел во газа изнесуваат една милијарда шекели (246 милиони долари), не вклучувајќи ги индиректните штети поврзани со забавувањето на економската активност и деловната парализа поради мобилизацијата на стотици илјади резервисти и секојдневното гранатирање.

- Осум војници загинаа, а седум се ранети во израелски воздушен напад во текот на ноќта во областа Даара, јави сириската државна агенција САНА, цитирајќи сириски воен извор. Во извештајот се додава дека штета е предизвикана и на локациите погодени од израелските воздухопловни сили, пишува „Тајмс оф Израел“.

- Јапонскиот Врховен суд денеска пресуди дека е неуставен законот со кој се бара од трансродовите лица да се отстранат репродуктивните органи за официјално да се одобри нивната промена на полот. Американските медиуми пренесуваат дека ова е првата одлука на Големиот судски совет од 15 судии на Врховниот суд што се однесува на уставноста на јапонскиот закон од 2003 година со кој се бара отстранување на репродуктивните органи од трансродовите лица со цел официјално да се признае нивната промена на полот.