• Thursday, 18 July 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

17 јули 2024

Струмица - Во драматично обраќање преку фејсбук градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов заедно со тим на пожарникари од ТППЕ Струмица и неколку цивили побара помош да бидат евакуирани од местото на пажарот над селото Бадилен каде од сите страни се заробени од огнената стихија.

-Од сите страни околу нас гори и очекуваме двата хеликоптери кои го гаснат пожарот да изгаснат еден негов дел за да можеме да се евакуираме или да дојдат по нас да не земат, бидејќи сите копнени врски се прекинати, изјави Божинов.

Како што изјави Божинов тие се опколени од огнот во радиус од 500 метри и очекуваат што обргу да бидат извлечени

Кавадарци - Гори шума, ни треба поддршка од воздух за пожарот кај Шивец, рече за МИА кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, откако директорот на ЦУК Стојанче Ангелов информираше дека денеска избувна нов пожар кај селото. Ангелов изрази надеж дека ќе сторат се што е неопходно за да се спротивстават на пожарот, но теренот бил исклучително тежок. 

Синоќа, Штабот за заштита и спасување на Кавадарци одржа координативен состанок за заштита од пожари. 

Засилени патроли во планинските предели, поголема превенција од ТППЕ Кавадарци, сите вработени да бидат мобилизирани и во овој критичен период да не се користат годишни одмори, се само дел од заклучоците што ги донесе Штабот. 

Моментно има пожари во трите општини од Тиквешкиот регион. Кавадарци, Неготино и Росоман. Пожарот во неготинско избувна минатата среда околу 10.30 часот. Денеска освен кај Шивец, гори и во росоманско Сирково. 

Гевгелија - Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека поради пожар кој избувна на грчка страна, во моментов е во прекин сообраќајот преку Граничниот премин Богородица. Се преземаат интензивни мерки за гасење на пожарот и по неговото гасење, повторно ќе биде овозможено преминување преку граничниот премин.

Од полицијата апелираат до граѓаните да не се упатуваат кон граничниот премин додека не биде објавено дека пожарот е изгаснат и сообраќајот нормализиран.

Според извори на МИА од Гевгелија, пожарот избувнал пред 12 часот и гори до самиот граничен премин на излез од Грција. 

На камерите на Јавното претпријатие за државни патишта може да се забележи дека има три колони возила кои чекаат на излез од државата и не се движат. 

Куманово - Почна реконструкцијата на подрачното училиште „Кирил и Методиј“ во Агино село, Кумановско, соопштија денеска надлежните од општина Куманово.

- Во тек е целосна реконструкција на ООУ „Кирил и Методиј“ – подрачно училиште Агино село. Проектот е во реализација на Министерството за образование и наука, во соработка со Општина Куманово, информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

За реконструкцијата на ова подрачно училиште ресорното министерство одвои над 8, 2 милиони денари (8.227.573,60). Компанијата која е избрана на тендерот веќе е на терен и работи на покривот на училиштето.

Родителите на учениците од подрачното училиште „Кирил и Методиј“ од кумановското Агино село лани не ги пуштаа учениците на настава на први септември во знак на револт бидејќи училиштето не е реконструирано со децении. Тогаш тие бараа да се реализира реконструкцијата на објектот, изграден 1977-78 година.

Неготино - Два пожара се активни во моментов во неготинско, потврдија за МИА од Центарот за управување со кризи. 

-Активни пожари на територијата на Општина Неготино се  над АБХ Полигонот  во правец на Штипско рамниште на планината Серта  и во  атарот на село Калањево на место викано Дуњица на непристапен терен. И на двата активни пожари гори висока шума (мешавина од даб, смрека и бор) како и сува трева, грмушки и нискостеблеста шума. Силите интервенираат од раните утринските часови, додадоа од ЦУК.

Куманово - Над 60 претставки во првата половина од годината поднеле граѓаните од североистокот до канцеларијата на Народниот правобранител во Куманово, соопштија денеска оттаму. Најголем процент од поднесените претставки се однесуваат на работата на извршителите, од потрошувачките права.

- Поднесени се 64 претставки. Најголем дел се однесуваат на работата на извршителите, следуваат претставки од областа на потрошувачки права, кои се однесуваат на постапувањето на ЕВН и на комуналните претпријатија во општините кои ги покрива канцеларијата на Народниот правобранител Куманово. Граѓаните поднеле претставки од областа на граѓанските состојби кои се однесуваат на работата на МВР во врска со изработка на документите за лична идентификација и патни исправи, информираа од канцеларијата на Народниот правобранител.

Жителите од Куманово и од општините од североисточниот регион, Липково, Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане и Ранковце во првите шест месеци од годината поднеле и претставки од областа на пензиско и инвалидско осигурување, кои, како што соопштија од канцеларијата, се однесувале на одолговлекување на постапката за остварување право на старосна или семејна пензија, претставки од областа на социјална заштита поврзани со остварување право на гарантирана минимална помош и други права од социјална заштита, потоа претставки од областа на урбанизам и од имотно-правна област.

Росоман - Пожар избувна денеска и во росоманското село Сирково. Како што информираа од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кавадаречките пожарникари интервенирале во гасење на пожар во село Сирково со две противпожарни возила. 

МИА се обрати до Територијалната противпожарна единица Кавадарци и оттаму ни беше кажано дека дополнителна екипа пожарникари со противпожарно возило се упатува на овој пожар што се уште не е локализиран. 

Засега не можеа да дадат повеќе детали за пожарот. 

Неготино - Мајка пријавила син за агресивност, оштетување покуќнина и пожар во соба и затоа лишен од слобода бил жител на неготинско село, информираа денеска од СВР Велес.  

- Вчера  во 15.15 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода М.А.(27) од неготинско село, постапувајќи по претходна пријава од неговата 50-годишна мајка дека агресивно се однесувал кон неа, оштетил дел од покуќнината и предизвикал пожар во една од собите. М.А. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од Секторот за внатрешни работи. 

СВР Велес соопшти дека подоцна во 20 часот,  било пријавено дека во продажен објект во Неготино, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу 23 - годишник од село Тимјаник, Неготинско и 35-годишна неготинка. По документирање на настанот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. 

Истовремено,  во ОВР Неготино, 39 - годишен од село Челевец, Демиркаписко, пријавил дека на плоштадот во Демир Капија бил физички нападнат од жител од село Бистренци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Штип - Почна поддршката од воздух во штипскиот регион на планината Серта, информира денеска градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов.

На планината Серта македонските и турските „ер трактори“ веќе ги гаснат пожарите над селата Селце и Драгоево и на ридот Штракалево кон полигонот Пенуш. Огнените стихии се на непристапни планински терени и во долови.

-Состојбата е алармантна. Мора да истакнам дека без делување од воздух нема да се овозможи ставање под контрола на самите пожари, вели Јорданов.

Тој додава дека на терен се пожарникарите, припадниците на Армијата и вработени на ЈП „Национални шуми“ за да се спречи ширењето на пожарот кон населените места на планината Серта. 

Куманово - Подготвени се проектите за воведување на „Б“ зона на неколку локации во Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП „Куманово-Паркинг“. Целта, како што посочуваат,  е да се намали метежот во централното градско подрачје кој особено е изразен во летниот период.

- Програмата веќе е утврдена, изработени се проектите. Предвидено е проширување на „Б“ зоната кај локалитет „Водовод“ на „Октомвриска револуција“, спроти комплексот базени и околу основното училиште „Бајрам Шабани“. Овие проекти се подготвени, одобрени, имаме дозволи од СВР Куманово, се е потврдено, изјави директорот на ЈП „Куманово Паркинг“ Андреа Маџовски.

Сообраќајниот метеж во централното градско подрачје е евидентен. Одговорните од претпријатието сметаат дека со воведување на зоната „Б“ ќе се растерети метежот во централното градско подрачје. Пајак службата работи континуирано и со зголемен обем  на работа последниов период, дневно се подигаат околу 30-тина возила.

- Сконцентрирани сме на централното градско подрачје, за да се растовари метежот. Имаме добра екипа на вработени и одлична соработка со СВР Куманово, изјави Маџовски кој од неодамна е назначен за нов директор на ова претпријатие.

Претпријатието доби возило од општина Куманово која ги обезбеди работните машини за повеќе претпријатија од градот, преку под-заем со Министерство за финансии, во рамките на проектот подобрување на општинските услуги финансиски поддржан со заем од Светска банка. И старото пајак возило е сервисирано и може да се употребува при регистрација или сервис на новото пајак возило.

Во „А“ зона има 580 паркинг места, со „Б“ се планираат од 300 до 400 места.

Кочани – Советот на Општина Кочани доби нова сала, сместена во зградата на Мултикултурниот центар, во која во иднина ќе ги одржува редовните пленарни седници.

Салата е опремена со потребната аудиотехника за меѓусебна комуникација и снимање на седниците, а се очекува да биде инсталирана и обезбедената опрема со која преку интернет ќе се овозможи видео пренос во живо од работата на Советот.

Дополнително, за опремување на просторијата со мебел од буџетот на Локалната самоуправа беа инвестирани околу 500 илјади денари.

Новата сала официјално почна да се користи со одржувањето на денешната редовна 48. седница.

-По неколкугодишно очекување конечно добивме пристојни просторни услови за одржување на седниците, а опремата што беше донирана од УНДП целосно ќе биде ставена во функција. Упатуваме благодарност до општинската администрација и до претходниот советнички состав за реализираниот проект за опремување на салата, истакна Лазо Митев, претседател на Советот на Општина Кочани.

Во изминатите години Советот промени неколку локации за одржување на редовните и свечените седници. Притоа најмногу ги користеше општинската просторија за венчавки, потоа големите сали во Спомен домот АСНОМ и Центарот за култура „Бели мугри“, како и салата на Мултикултурниот центар во Кочани