Владата ќе одвои 20 милиони евра за изградба на нова подземна гаража кај плоштадот Скендербег, градежните активности од следната година
- Владата на денешната седница донесе одлука да одвои 20 милиони евра за финансирање на проектот за изградба на нова подземна гаража кај плоштадот Скендербег во Скопје, најави денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) – Владата на денешната седница донесе одлука да одвои 20 милиони евра за финансирање на проектот за изградба на нова подземна гаража кај плоштадот Скендербег во Скопје, најави денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
Новата гаража, како што кажа на денешната прес-конференција во Владата, ќе има 371 паркинг место распоредени на две подземни нивоа со вкупна површина од повеќе од 13.000 квадратни метри.
- Во подземната гаража ќе бидат обезбедени и адекватни паркинг места за лица со посебни потреби. Со таа инвестиција се заокружува плоштадот Скендербег и се демонстрира нашата посветеност кон решавање на инфраструктурните предизвисци со кои се соочува нашиот главен град, Старата скопска чаршија, општина Чаир и општина Центар, рече Меџити.
Нагласи дека изградбата на оваа гаража е од особено значење за чаршијата и за Чаир и ќе го реши долгогодишниот проблем со недостиг на паркинг места во овој дел од градот со што се очекува зголемување на бројот на туристите во Старата чаршија.
- Во наредниот период ќе работиме проектот да биде реализиран во најкраток можен рок и со највисок квалитет. Ќе обезбедиме транспарентност и отчетност во сите фази од реализацијата со цел да ги оправдаме довербата и очекувањата на граѓаните, рече Меџити.
Во одговор на прашање рече дека наскоро ќе биде објавен тендерот за изградба и додаде дека очекува градежните работи да почнат на почетокот на следната година. вј/бак/
Фото: Принтскрин