„Мета АИ“, „Гемини“, „Чат ГПТ“ и „Дипсик“ ни собираат сè повеќе податоци: Чат-ботовите ни ги знаат локацијата, политичките погледи и банкарските сметки
- Дури 70 % од апликациите собираат податоци за локацијата на корисникот. Најмногу информации собира „Мета АИ“ - дури 33 од 35 можни видови, измери „Сурфшарк“ (Surfshark), една од водечките компании во светот за кибербезбедност. „Мета АИ“, како дел од „Фејсбук“ и „Инстаграм“, е единствениот бот што собира финансиски информации. „Гемини“ на „Гугл“, пак, во секое време има прецизна локација за корисникот, но ја знае и неговата сексуална ориентација. Кинескиот „Дипсик“, иако не собира премногу видови податоци, веќе бил цел на хакерски напад, при што се украдени над еден милион кориснички разговори.
- Post By МИА Агенција
- 10:55, 15 April, 2026
Скопје, 15 април 2026, (МИА) - Искористи ги моите податоци од биографијата што ти е прикачена“. „Напиши ми 4 текстуални задачи со дропки за петто одделение во училиште во Скопје, слични на тие што ти ги праќам на фотографијата од домашната работа на другар ми, само стави го моето име“. „Имам депозит од 25.000 евра во Н.Н. банка, дали е поисплатливо да ги префрлам во друга банка за поголема камата и во која?“
Ова се вообичаени барања што секојдневно ги добиваат т.н. чат-ботови (автоматизирани, дигитални соговорници, кои даваат одговори користејќи вештачка интелигенција). Прашањата изгледаат сосема обично, приспособени на потребите на корисникот, а одговорите заштедуваат многу време. Но, во секој од овие примери на ботовите им се дава персонализиран податок: од биографија со лични контакти и место на живеење до возраст на малолетник или точна состојба на банкарска сметка. Ова се прави со цел да се добие што поавтентичен и подобар одговор.
Речиси секој што има пристап до интернет веќе добро ги знае и ги користи „Мета АИ“, „Чат ГПТ“ (ChatGPT), „Гугл Гемини“, „Клауд“ (Claude), „Грок“... Но, кои податоци ги земаат тие од нас?
„Сурфшарк“, една од водечките светски компании за кибербезбедност, прави анализа на 10-те најдобри чат-ботови. Најновиот извештај објавен кон крајот на март покажува фрапантни податоци: во просек секој чат-бот собира по 14 од вкупно 35 вида податоци, кои вообичаено се сметаат за приватни.
„Мета АИ“ со најголем пристап до приватноста, „Гемини“ ве следи во чекор
„Најмногу информации собира „Мета АИ“ - дури 33 од 35 можни видови“, се вели во извештајот. Бидејќи не е посебна апликација, туку е дел од платформите на Марк Закерберг, овој бот има пристап до најинтимните информации.
Таа останува единствената апликација што собира податоци во категоријата финансиски информации. Заедно со „Гугл Гемини“ собира и чувствителни информации: расна или етничка припадност, сексуална ориентација, податоци за бременост, верски или политички уверувања, па дури и биометриски податоци.
„Гемини“ на „Гугл“ собира 23 вида податоци. Ретко како кој друг бот, тој инсистира на прецизна локација. По само неколку користења, тој веќе ги знае вашето име, адреса, е-пошта, телефон и комплетната историја на пребарување на интернет. „Ваквото опсежно собирање податоци може да се смета за прекумерно и наметливо“, констатираат експертите.
Најголемо зголемување на апетитот за податоци има кај „Чат ГПТ“. Од ланските 10, сега овој бот собира 17 вида податоци, вклучувајќи здравје, фитнес и аудиоподатоци. Иако повеќето се за функционалност на апликацијата, тие се користат и за аналитика и маркетинг. Важно е да се напомене дека податоците за здравјето и рекламирањето не се потребни за работата на апликацијата.
Наспроти нив, практиките на „Клауд“ останале непроменети - тој собира 13 вида податоци, сите клучни за неговото функционирање. Кинескиот „Дипсик“ исто така собира под просекот (13 вида), но со еден голем ризик: податоците се чуваат на сервери во Кина.
„Бидете внимателни бидејќи разговорите на серверите се секогаш во ризик. Според 'Хакер њуз' (The Hacker News), „Дипсик“ веќе доживеал хакерски напад во кој се обелоденија повеќе од еден милион записи од разговори и клучни шифри“, предупредуваат од „Сурфшарк“.
Извор: https://surfshark.com