• Wednesday, 23 October 2024

Мелони го покани Ердоган да ја посети Италија на меѓувладина средба

Мелони го покани Ердоган да ја посети Италија на меѓувладина средба

Рим, 23 октомври 2024 (МИА) - Италијанската премиерка Џорџа Мелони го покани турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ја посети Италија во првата половина на 2025 година на нов меѓувладин состанок меѓу Италија и Турција, јави Анадолија.

„Во вчерашниот телефонски разговор, Мелони и Ердоган се фокусираа на билатералните односи, нагласувајќи ја важноста од продолжување на работата за понатамошно консолидирање на одржливиот раст во трговијата“, се вели во соопштението на италијанската Влада.

Мелони го потврди правото на Израел да се брани, но ја истакна и потребата од зголемување на хуманитарната помош за цивилите погодени од тековните конфликти на Блискиот Исток.

Италијанската премиерка и турскиот претседател ја истакнаа и заедничката посветеност на повиците за прекин на огнот во Газа и Либан.

„Мелони ја истакна клучната улога на (мисијата на ОН во Либан) УНИФИЛ и потребата безбедноста на оваа мисија да биде постојано гарантирана“, се додава во соопштението на италијанската Влада.

Според соопштението на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, пак, Ердоган го пофалил одговорот на Рим на агресијата на Израел во регионот, подвлекувајќи ги решителните напори на Турција за мир на Блискиот Исток.

Тој, исто така, и кажал на Мелони дека поддршката од Рим ќе ја зајакне позицијата на Анкара во напорите во Обединетите нации да ја запре продажбата на оружје на Израел.

„Претседателот Ердоган ја истакна важноста на меѓународната заедница да дејствува заедно за да се запре израелската агресија и дека поддршката на Италија за иницијативата на Турција на ОН за запирање на продажбата на оружје на Израел ќе ги зајакне овие напори“, се наведува во соопштението.

Турскиот претседател рече дека нападите на Израел врз палестинските територии, вклучително и Газа, како и нападите врз Либан и тамошните мировни сили на ОН се неприфатливи.

Израел започна голема воздушна кампања во Либан од минатиот месец против цели на Хезболах. 

Фото: Јутјуб